И со најновите поенти, Џевдет Хајредини ги опфаќа најинтересните и најзначајните политички настани последниве години. Како и секогаш, секоја поента на Хајредини е длабок и директен поглед во настаните и постапките на политичарите и институциите. Во ова издание на „Поенти“ тој поставува многу добра дилема околу улогата и својството на Ахмети во комуникацијата со косовските лидери, ја држи Антикорупциска на штрек, иронизира со очигледната тенденција да се негува неказнивоста на криминалците, а го повикува и Пендаровски да проговори за корупцијата и криминалот и на тие што него го поддржуваат.
Не е јасно во кое својство учествува Али Ахмети на средбата со Хашим Тачи и Рамуш Харадинај кај Блаце, кога се знае дека бројот на Албанците кои ја поддржуваат неговата партија не е многу поголем отколку бројот на тие што ја поддржуваат партијата на Зоран Заев. За жал, ова не е прв пат Хашим Тачи на ваков груб начин, да интервенира во изборен процес во Македонија, на штета на другите албански партии. Овие денови очекувајте, на сличен начин, да постапат и други од матичната држава.
Не е лошо Стево Пендаровски на предизборните собири понекогаш да зборува и за криминалот и корупцијата на тие што го поддржуваат.
По сѐ изгледа, од реформата во правосудството најмногу корист ќе имаат тие што ќе се спасат од гонење за кривичните дела извршени години наназад во текот на заедничката власт ВМРО-ДУИ.
Нереално е да се верува дека во Собранието ќе се изгласа закон со кој не се исклучува било каква можност во иднина да бидат гонети за криминал и корупција сите тие чии имиња повеќе од две години секој ден сме ги слушале.
Антикорупциска, изгледа, ги чека резултатите од ДНК анализата, за да ја утврди одговорноста за непотизмот на министрите.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.
Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.