„Ако земји како Северна Македонија ги исполнуваат тешките услови, со жртви за населението и висок политички и личен ризик од страна на владата, тоа мора да биде препознато со тоа што ќе се турне земјата напред кон ЕУ. Ако нашите партнерски земји исполнуваат, нашите земји членки мораат исто така да исполнат“, изјави Јоханес Хан во интервју за МИА.
Според Хан, интеграцијата на Западниот Балкан е инвестиција во стабилноста на Унијата и зачувување на нејзините политички, економски и геополитички интереси.
На прашањето дали земјата е подготвена да започне преговори со ЕУ, Хан е цврсто убеден дека Северна Макеоднија не само што е спремна туку стана и брилијантен пример за помирување и добрососедски односи за целиот регион, што се важни барања на ЕУ во однос на нивната стратегија за Западниот Балкан.
„Реформите се водат на инклузивен и транспарентен начин со вклученост на опозицијата и граѓанското општество, генерално вратена е поделбата на власта, со што се консолидира демократијата и владеењето на правото во земјата. Исто така медиумските работници и организации велат дека има подобрена клима во однос на слободата на изразување, а претседателските избори поминаа на мирен и транспарентен начин, со што земјата покажа демократска зрелост. Треба да се каже дека земјата навлезе во еден трансформациски процес во однос на сите области, политики, јавна администрација и во општеството“, одговори Хан на прашањето за политичката ситуација во земјата.
Хан во интервјуто за МИА потсети дека во случајот со Северна Македонија станува збор за отворање преговори што подразбира долг пат до членство. Исто така, потенцираше дека треба да и се даде шанса за старт на прегвоори на Северна Македонија, која покажа убедлива посветеност кон стратешката евроатлантска цел.
Б. Ј.