9 ноември 2018
СЈО соопшти дека отвора истрага „Империја“, во која 13 лица, меѓу кои Орце Камчев, Цветан Панделески и Сашо Мијалков, се осомничени за Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело. Истиот ден се приведени петмина од осомничените, меѓу кои и Камчев, и притворени на 30 дена.
Ноември 2018
Почнуваат случувањата од „Рекет“ – Бојан Јовановски-Боки 13, близок до специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и Зоран Милевски-Кичеец врска со Орце Камчев, од Камчев барааат 8 милиони евра за да запре истрагата против него во случајот Империја, или 5 милиони за „олеснителни околности“. Додека тој е во притвор, од неговата сопруга земаат 500.000 евра.
27 декември 2018
Без противење на СЈО, Камчев излегува од „Шутка“ и добива домашен притвор.
20 февруари 2019
Боки 13 и Зоки Кичеец, во чанта „Луј Витон“, земаат 1.500.000 евра од Камчев, кој е во домашен притвор.
4 март
Врховниот суд го укинува притворот на Камчев.
Март-април
По предлог на Специјалниот јавен обвинител, Судот на Камчев му ги враќа патните исправи.
Април
Обвинителката за гонење организиран криминал и корупција Вилма Рускоска од премиерот Зоран Заев го добива првото известување за случајот „Рекет“, откако „му се пожалиле бизнисмени“.
2 мај
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвора предистражна постапка за „Рекет“.
28 мај
Новинарот Бранко Героски најавува дека „почнувајќи од утре, на порталот Плусинфо ќе ги читате моите колумни. Во мојот добро познат стил. Ја најавувам и темата на мојот утрешен текст – бомби, рекет и уцени во политичкиот естаблишмент“.
29 мај
Со текстот Бомбашки пленум, Героски ја почнува сагата за „бомбашкиот рекет“, а на 10 јуни го објавува првиот случај на рекет во текстот Како куртулил Трпе од банда опасни рекетари.
15 јули
Наредба за отворање истрага против Боки 13 и Кичеец за Примање награда за противзаконито влијание и Перење пари и други приноси од казниво дело. Двајцата се уапсени и притворени.
15 јули
Специјалната обвинителка Катица Јанева поднесува оставка, која ќе стане активна „тогаш кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение и ќе го изберат нејзиниот наследник“. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и ги одзема мобилните телефони за вештачење. Еден недостасува.
16 јули
Во СЈО се одржува драматична прес конференција, без Катица Јанева. „Сите се еднакви пред Уставот и законите. Стоиме на линија да се најде одговорност и лицата да одговараат“ – изјави, меѓу другото, обвинителката во СЈО, Ленче Ристоска, на прес конференцијата.
Јули
Се вештачат телефоните на Јанева и се бара „изгубениот“ телефон. Истрагата на 31 јули објавува дека телефонот, кој во меѓувреме бива најден, е форматиран и сите податоци од него се избришани.
8 август
Италијанскиот интернет весник „Ла верита“ почнува да објавува видео и аудио снимки од случувањата во „Рекет“.
10 август
Јанева чита изјава со која објаснува дека разговарала со „О.К.“ за да стане соработник во истрагата, прес-конференцијата ја напушта избегнувајќи ги новинарските прашања.
12 август
Почнува серијата сослушувања на обвинителите од СЈО кои го истражувале случајот „Империја“ – обвинителката Елизабета Јосифовска од СЈО на распит кај Рускоска.
13 август
Обвинителката Лиле Стефанова од СЈО на петчасовен распит кај Рускоска.
16 август
Обвинителот Бурим Рустеми од СЈО пред Рускоска.
20 август
Катица Јанева, придружувана од адвокатот Стеван Павлески, поранешен државен јавен обвинител, се јавува на распит во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, каде има четиричасовен разговор со обвинителката Вилма Рускоска.
21 август
По налог на Рускоска, полицијата ја приведува Јанева од нејзиниот дом во Скопје околу пладне, од каде одзема предмети поврзани со случајот рекет, со неа оди во СЈО, од каде и го одзема службениот компјутер. Со експресна прес конференција, јавниот обвинител Љубомир Јовески и обвинителката за гонење организиран криминал и корупција Вилма Рускоска го објавуваат апсењето на Јанева. По четиричасовниот распит во Кривичниот суд, судија во претходна постапка Сеад Реџепагиќ, ѝ изрече мерка притвор од 30 дена на Катица Јанева, во 23 часот. Од Кривичен, Јанева пристигна во затворот во „Шутка“ околу 23:30 часот.
И. К. Илиевски
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.