Земајќи ја предвид релативно кратката историја на владеење на плурализмот на политичката сцена во нашата земја, историјата на оставки од функциите на политичари, високи владини и партиски функционери, во досегашните неколку владејачки гарнитури е прилично долга. Свој осврт за политичките оставки неодамна даде Сашо Орданоски во колумната „Куса историја на македонскиот политички (не)морал“ објавена на ЦИВИЛ МЕДИА на 13 септември 2021. Тоа нѐ поттикна да направиме хронологија на политичките оставки од првите години на независноста до денес. Оваа хронологија не е целосна и може да се дополнува и, секако, да се продолжи.
1992 Димитар Димитров, министер за образование и наука
Поради политичките несогласувања со тогашниот естаблишмент во власта, Димитар Димитров поднесува оставка на местото министер за образование и наука во првата Експертската влада во независна Република Македонија, во 1992 година.
1992 Денко Малески, министер за надворешни работи
Малески како министер за надворешни работи во првата Експертска влада, поднесува оставка од министерското столче поради усвојувањето на Лисабонската декларација, оставката не му беше прифатена.
1993 Денко Малески, министер за надворешни работи
Малески по втор пат поднесува оставка, сега како министер за надворешни работи во владата на Црвенковски, поради влезот на државата во ОН под референцата „поранешна југословенска Република Македонија”. Овој пат оставката му беше прифатена.
1993 Петар Гошев, пратеник и партиски функционер
Поради несогласувања со новото раководство на СДСМ, Гошев се отцепува од партијата и ја формира Демократската партија
1994 Антони Пешев, министер за урбанизам, градежништво, транспорт и екологија
Антони Пешев од морални причини поднесе оставка од местото министер за урбанизам, градежништво, транспорт и екологија во Владата на Црвенковски, по двете авионски катастрофи, во март во близина на Охридскиот аеродром и во ноември на Скопскиот аеродром.
1995 Љубомир Фрчковски, министер за внатрешни работи
Фрчковски поднесува оставка како министер за внатрешни работи во Владата на Црвенковски, од морални причини по неуспешниот атентат врз Киро Глигоров. Оставката не му беше прифатена.
1996 Ѓунер Исмаил, министер без ресор и портпарол
Како тогашен министер без ресор и портпарол во владата на Бранко Црвенковски, Ѓунер Исмаил поднесе оставка поради заткулисните игри во владата кои доведоа и до смена на Сашо Орданоски од позицијата директор на МТВ.
1999 Петар Гошев, партиски претседател
Петар Гошев поднесува оставка како претседател на ЛДП, поради неуспехот на партијата на Парламентарните избори во 1998 година.
2000 Никола Димитров, заменик министер за надворешни
Никола Димитров си поднесе оставка од функцијата заменик министер за надворешни работи во Владата на Љубчо Георгиевски, како резултат на несогласување со „тајванската авантура“.
2001 Доста Димовска, министер за внатрешни работи
Доста Димовска , долгогодишен партиски функционер и еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ, десна рака на претседателот на партијата Љубчо Георгиевски, поднесува оставка од функцијата Министер за внатрешни работи поради аферата со прислушување.
2002 Доста Димовска, потпретседател на Влада
Димовска , како долгогодишен партиски функционер, еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ и десна рака на претседателот на партијата Љубчо Георгиевски, поднесе неотповиклива оставка oд потпретседател на Владата и сите партиски и државни функции.
2002 Љубчо Георгиевски,претседател на ВМРО-ДПМНЕ
Љубчо Георгиевски, еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ, нејзин прв претседател поднесе оставка по поразот на изборите 2002, првите избори кои се одржаа по воената криза во земјата.
2004 Хари Костов, премиер
По само 5 месеци на должност, Хари Костов се повлече од премиерската функција, поради, како што наведе: „Во владата не постои волја за тимска работа и за економски развој како приоритет“.
2004 Бранко Црвенковски, претседател на СДСМ
Црвенковски се повлекува од функцијата претседател на СДСМ, по неговото стапување на должност Претседател на Република Македонија
2009 Ивица Боцевски, вицепремиер задолжен за европски прашања
Ивица Боцевски својата неотповиклива оставка на функцијата заменик на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања ја доставил до премиерот Никола Груевски поради тоа што неговиот придонес во актуелната влада веќе е целосно исцрпен .
2011 Миле Јанакиески, министер за транспорт
Како надлежен министер во Владата на Никола Груевски, Јанакиевски понуди оставка по трагедијата со загинувањето на 15 бугарски туристи на Охридското Езеро, истата не беше прифатена.
2013 Бранко Црвенковски, претседател на СДСМ
Бранко Црвенковси, пред членовите на партијата објавил дека нема да се кандидира за нов мандат за оваа функција, односно поднел неотповиклива оставка како претседателот на опозициската партија СДСМ.
2013 Изет Зеќири, пратеник
Пратеникот на партијата Национална демократска преродба (НДП), Изет Зеќири, поднесе оставка на пратеничката функција од морални причини поради неуспехот на локалните избори како кандидат на партијата на Руфи Османи за градоначалник на Тетово.
2014 Руфи Османи, претседател на НДП
Лидерот на Националната демократска преродба (НДП), Руфи Османи, поднесе оставка на функцијата заради незадоволителните резултати што ги постигна партијата на предвремените парламентарни избори.
2015 Гордана Јанкулоска, Сашо Мијалков и Миле Јанакиески, министри во владата на Никола Груевски
Гордана Јанкулоска, министер за внатрешни работи, Сашо Мијалков, директор на ДБК, Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски, поднесоа оставки по безбедносната криза во кумановско „Диво насеље“, и по повеќемесечните притисоци од јавноста поради скандалите со „бомбите“, „Случајот Мартин Нешковски“ и масовните граѓански протести.
2015 Иво Ивановски, министер за информатичко општество
Иво Ивановски поднесе оставка како министер за информатичко општество во Владата на Груевски, како што изјави, од лични причини. Оставката следеше откако под палката на министерот Ивановски успешно се споија ВИП и ОНЕ, двата телекомуникациски оператори.
2016 ДУИ, коалиционен партнер во Владата на Груевски
Министрите на Демократска Унија за Интеграции, коалициониот партнер во Владата на Груевски, си поднесоа колективни оставка на министрите функции, со што се отвори пат за предвремени парламентарни избори.
2016 Мендух Тачи, претседател на ДПА
Лидерот на Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи, преку Фејсбук објави дека поднел неотповиклива оставка од функцијата поради изборниот неуспех.
2017 Никола Груевски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ
Никола Груевски, тогашниот претседател на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, поднесе неотповиклива оставка на состанок на Централниот комитет на партијата поради неуспехот да формира влада по парламентарните избори.
2018 Билен Салији, министер за правда
Министерот за правда од редовите на ДУИ, Билен Салили, поднесе оставка од функцијата, преземајќи морална одговорност за преквалификацијата на обвинението за смртта на малиот Алмир во Куманово
2019 Асаф Адеми, министер за култура
Тогашниот министер за култура, Асаф Адеми, поднесе оставка од функцијата поради здравствени причини.
2019 Никола Груевски, пратеник
Никола Груевски, за кого се водат неколку судски процеси, поднесува оставка на пратеничката функција со писмо од Будимпешта каде што пребега за да избегне отслужување на затворска казна. Подоцна, му беше одобрен азил во Унгарија.
2019 Павле Богоевски, пратеник
Павле Богоевски, граѓански активист и пратеник, поднесува оставка од функцијата пратеник поради објавени снимки во кој се слуша неговиот глас и поради ветувањето дека самиот ќе поднесе оставка откако ќе му биде одземен пратеничкиот мандат на Никола Груевски.
2020 Зоран Заев, премиер
Зоран Заев поднесе политичка оставка од премиерската функција, отворајќи пат за формирање на техничка влада и нови предвремени парламентарни избори во државата.
2020 Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ
Игор Јанушев поднесе оставка на функцијата генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, како што наведе, од лични, односно од приватни причини. Неофицијално, во кулоарите се наведува дека оставката е поради тоа што веќе подолго време односите меѓу Јанушев и Мицкоски не биле на завидно ниво.
2021 Драги Рашковски, генерален секретар на Владата
Драги Рашковски поднесува оставка од местото генерален секретар на Влада, под притисок на јавноста, поради наводните службени злоупотреби што ги направил, за кои истрага е сѐ уште во тек.
2021 Венко Филипче, министер за здравство
Министерот за здравство Венко Филипче понуди оставка од морални причини, поради трагичниот настан со пожарот во модуларната болница во Тетово. Премиерот Заев, по објавувањето на резултатите од вештачењето на несреќата, не ја прифати оставката, со образложение дека не гледа политичка одговорност кај министерот за несреќата.
2021 Илир Хасани, заменик министер за здравство во Владата на Зоран Заев
Поради пожарот во Тетовскиот Ковид центар, оставка понуди и заменикот министер за здравство, Илир Хасани. И неговата оставка не е прифатена од премиерот, од истите причини поради кои не ја прифати оставката на министерот Филипче.
Првата верзија од оваа хронологија е затворена на 14 октомври 2021. Редакцијата ќе ја дополнува со нови податоци и со новит оставки како што се случуваат.
Драган Мишев