Хуманизмот на жителите на село Ласкарци кои истрчаа од своите домови и први пристигнаа на местото на трагедијата на патничкиот автобус и брзата, ефикасна реакција на институциите, пожарникарите и медицинските тимови, биле клучни во ублажување на последиците од трагичниот настан на 13 февруари.
Според очевидците, први на местото на настанот пристигнале четири амбулантни возила од тетовската болница, каде што најпрво бил пријавен случајот. Директорот на Клиничката болница Тетово, Флорим Бесими, за ЦИВИЛ Медиа изјави дека нему лично му се јавил граѓанин кој во првите моменти од трагедијата застанал таму со својот автомобил.
“Граѓанинот кој лично ми се јави, ми прати и слика на вибер од местото на настанот. Веднаш испративме две амбулантни возила од клиниката и две други од Брза помош. Четирите возила со медицински тимови за кратко време стигнале на местото на трагедијата, двајца повредени веднаш биле донесени во Тетово, а другите директно во скопските болници. Возилата биле на располагање и неколку пати се вратиле до местото на трагедијата и транспортирале повредени кон здравствените установи. Благодарен сум на нашите вработени и медицинскиот тим кои освен што беа брзи, беа и ефикасни во справување со ситуацијата” – изјави Бесими.
Истиот граѓанин што му се јавил на директорот на Тетовската клиника, се јавил и на другите установи, така што, за кратко време, на лице место пристигнале и амбулантни возила од другите болници од Скопје. Освен јавните установи и државните клиники, во помош на настраданите излегле и приватните болници кои своите капацитети, амбулантните возила и тимови ги активирале без да чекаат некој да им го побара тоа.
За брзата реакција благодарност упати и министерот за здравство, Венко Филипче. Тој истакна дека 80% од медицинскиот тим бил ангажиран и сите се собрале за многу кратко време.
“Откако дознавме за собраќајката, сите возила од брзата помош, вклучувајќи ги и тие на приватните болници отидоа на местото на настанот. На лице место се убедив дека целосно професионално се завршени работите. Направени се неколку тури, зависно кој пациент имал предност, за да се транспортира до болница. Може да кажам дека за рекордно време се мобилизирал целиот здравствен систем во земјава” – истакна министерот Филипче.
Очевидците, како и самите институции потврдуват дека помошта на мештаните значела многу во извлекување на првите настрадани, кои со приватни автомобили на мештаните биле превезени до здравствените установи. Пофални зборови за нивната реакција упати и од премиерот Зоран Заев, а благодарност им упатија и семејствата на настраданите лица во трагедијата.
Арбен Зеќири