Промената на власта во Грција го отвори прашањето за можното влијание на грчката десница во разнишување на билатералните односи меѓу Северна Македонија и Грција.
ЦИВИЛ Медиа ја отвори оваа тема и зборуваше со експерти, претставници на граѓанскиот сектор, политички аналитичари и претставници на власта во Северна Македонија околу тоа кои се очекувањата од новата грчка Влада во однос на Преспанскиот договор, билатералните односи и евро-интегративните процеси на нашата земја.
Оваа тема е актуелна не само кај нас, туку и во соседството. Така, поранешниот министер за одбрана на Грција во владата на СИРИЗА и поранешен началник на Генералштабот на грчката армија, Евангелост Апостолакис, во интервју за МИА вели дека двете земји треба да се погрижат да се спроведе Договорот од Преспа онака како што е потпишан и сите да ги извлечеме позитивните работи од него.
Апостолакис изразува оптимизам дека промените во Грција нема да го запрат континуитетот на соработка, иако смета дека ќе биде потребно малку време за адаптација.
„Започнавме една соработка која ценам дека продолжува. Сметав дека е можност и за двете држави да започнат соработка, дека можеме да си помогнеме еден на друг, особено во однос на вооружените сили, бидејќи беше многу важно да се започне со одредени работи и многу брзо беа воспоставени некои контакти и конкретни чекори. Целта беше да ѝ помогнеме на Северна Македонија колку е можно побргу да се адаптира и да се поврзе, да стане член на НАТО, да помогнеме во прашањата поврзани со безбедноста и да соработуваме во оние теми со кои што се соочуваме како заеднички проблеми во регионот. И двете страни верувавме во тоа. Започнавме многу добро. Оди напред…“, смета Апостолакис.
На истата линија е вицепремиерот за европски интеграции на Република Северна Македонија, Бујар Османи, кој во изјава за ЦИВИЛ Медиа истакна дека нема потреба од страв за нарушување на односите меѓу двете земји, дека е воспоставена првичната комуникација со новата Влада на Грција.
„Не очекувам некои големи пореметувања, бидејќи темелите на ова партнерство се создадени. Првата комуникација со новата влада е воспоставена, така што очекувам во наредниот период таа комуникација да биде воспоставена во сите ресори, особено во смисла на поддршката која грчката влада ја дава на преговарачкиот процес. Очекувам во овој период тие комуникации да се воспостават и таа соработка да продолжи“, вели Османи.
Апостолакис вели дека останува оптимист околу тоа дека соработката меѓу двете земји ќе продолжи и понатаму.
„Потребно е малку време за да има адаптирање на новата ситуација и од едната и од другата страна. Мислам дека се ќе биде во ред, бидејќи е потребно и треба да биде така.
М. Ивановска