Габриела Илиевска, советничка од независната листа „Поинаку“ во Општина Битола , вели дека Битола е сè уште една од најзагадените општини во Македонија, и дека тие, неколку пати го покренале тоа прашање во Советот на Општина Битола, меѓутоа, локалните власти останале глуви…
„Во изминатите три месеци, август, септември и октомври, во општина Битола не сме имале зелени денови, односно, во месец септември имало пет зелени денови, а зборуваме за месеци кога нема греење кај локалното население. Тоа ги побива фактите дека најголемото загадување е од грејните тела на домаќинствата. Би сакала да нагласам дека овие податоци се врз база на две мерни станици, Битола 1 и Битола 2, меѓутоа, едната од нив, која се наоѓа во центарот на градот – не работи од 20 септември… Како советници реагиравме, пуштивме барање до Министерството, но нема повратна информација“, вели Илиевска.
Таа вели дека побарале од Советот да ја задолжи градоначалничката да се преземат какви било мерки за да се санира мерната станица и дека во изминатата година, откако е променета локалната власт, нема ни краткорочни, ни долгорочни мерки што се преземаат во врска со загадувањето.
„Гледаме дека имаше некоја најава за гасификација на општина Битола, меѓутоа колку што ние сме известени, дури и Владата го стопира тој проект, така што долгорочна мерка, најверојатно во наредните 3 до 5 години, тоа е мое согледување – нема ни да има. Во поглед на краткорочните мерки, се она што беше најавено од Општината, не се оставрува. На пример, имавме еден проект ‘3.000 садници’, ние како битолчани сме сведоци дека не 3.000, туку повеќе нема ни 3 живи од тие садници. Така што, тоа е пропаднат проект на Општината, и сметаме дека буквално ништо не се прави во поглед на обезбедување на подобра животна средина во градот. Исто така, сакам да нагласам дека општина Битола е рекордер во заболени од малигни неоплазми и сметам дека како град, како Совет, како локална власт, како се она што претставува лобирање на централно ниво, треба многу повеќе да направиме и да се покрене некаква иницијатива. Како советници, ние имавме неколку иницијативи, од кои најгромогласно одекна таа со која бараме, во најмала рака, субвенционирана струја за општина Битола, меѓутоа ништо од тоа не помина, ништо од тоа не се разгледа и сите наши предлози беа одбиени, без разгледување и без никаква јавност на истите“, додава Илиевска.
Во однос на депонијата Мегленци, која беше актуелна во медиумите во изминатиот период (особено по тоа дека свињи се хранеа од истата), Илиевска вели дека 30 дена, а можеби и повеќе, депонијата горела, и дека тие како Совет, како град или како битолчани, не добиле апсолутно никаква официјална информација за тоа кој ја запалил, зошто и што имало на истата додека горела.
„Мислам дека во најмала рака заслужувавме информација и сметам дека ниеден град не смее да дозволи долготрајно горење на депонија. Во Битола, сега во моментот додека ме снимате, има сонце, и никој не зборува за загадувањето, но во моментот кога нема сонце, неважно дали е топло или е ладно, Битола е загадена. Се чувствува загаденоста. И сега е загадено, меѓутоа поради сонцето луѓето не разговараат за загадувањето. Бидејќи кога е се зелено, никој не размислува за загадување“, додава Илиевска.
Дехран Муратов
обработка на текст: Ангела Петровска
камера и монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Ангела Петровска