Балканска мрежа за развој на граѓанско општество (БЦСДН) ви го претставува Индексот на одржливост на граѓанското општество за Северна Македонија во 2019 година. Индексот на одржливост на граѓанските организации за Централна и Источна Европа и Евроазија е изработен од УСАИД и FHI 360 и ги опфаќа случувањата во 2019 година.
Според извештајот, целокупната одржливост на граѓанските организации се подобрила во 2019 година, односно, забележани се умерени подобрувања во речиси сите сегменти на одржливост. Подобрувањата во правната рамка се должат главно на воведувањето фискални бенефиции и политики од Министерството за финансии во декември 2018 година. Исто така, во 2019 година биле спроведени помали позитивни промени во легислативата која ги засега граѓанските организации, а ни организациските капацитети не претрпеле значителна промена.
Финансиската одржливост на граѓанскиот сектор забележа мало подобрување во 2019 година како резултат на скромното подобрување во поглед на достапноста на различни домашни извори на финансирање. Сепак, секторот сè уште се соочува со проблеми кога станува збор за долгорочно финансирање. Според извештајот граѓанските организации успешно се вклучиле во сите процеси на креирање политики, а голем дел од нивните иницијативи се прифатени од надлежните органи, па на тој начин придонеле за подобрување на застапувањето. Тие го зголемиле својот опсег и капацитети во делот давање услуги, а инфраструктурата за поддршка на секторот е засилена со зголемениот број здружувања меѓу ГОи и неколку меѓусекторски партнерства. Јавниот углед на граѓанскиот сектор, исто така, забележува благо подобрување, иако во медиумите имаше неколку случаи на негативно известување за граќанските организации, стои во Индексот. Организациските капацитети останле стабилни.
Бројот на регистрирани граѓански здруженија е зголемен во 2019 година. Како што се наведува во Индексот, податоците од Централниот регистар на Северна Македонија (ЦРСМ) покажуваат дека во јуни 2019 година биле регистрирани вкупно 15.476 за разлика од 2018 година кога имало вкупно 14.291
регистрирани граѓански организации. Сепак, сè уште постојат нејаснотии во поглед на прецизноста, корисноста и навременоста на податоците за граѓанскиот сектор кои се достапни од ЦРСМ.
Јавното мислење за ГОи беше благо подобрено во 2019 година. Според публикациите на МЦМС, во 2019 година 45,8% од испитаниците имаат доверба во невладините (граѓанските) организации, особено во организациите што работат во областа на социјалната грижа, животната средина, човековите права и позицијата на жените и родовата еднаквост, за разлика од 2018 година кога тој процент изнесувал 43,5.
Перцепцијата на Владата за граѓанскиот сектор исто така умерено се подобри за разлика од минатите години, па Владата сè повеќе го гледа граѓанскиот сектор како партнер и поддржувач на владините политики. Бизнис-секторот е сè уште доста индиферентен кон ГОи, но фирмите сè повеќе покажуваат дека се подготвени да соработуваат и да формираат партнерства со ГОи.
ГОи, главно, ја информираат јавноста за активностите преку своите страници на друштвените медиуми. Во 2019 година соработката на ГОи со новинарите беше подобрена како резултат на генерално позитивната околина и наратив, намаленото незадоволство кон ГОи и зголемената доверба на граѓаните.