Министерствата и органите на државната управа до среда треба да достават информации за средствата кои ги имаат на располагање за референдумот, а Владата на седница да ја одреди сумата што ќе се одвои за кампања. Планирањето на кампањата е во тек, информациите се собираат и се дефинираат деталите за концептот. Некои од институциите веќе доставуваат и ги знаат бројките, а пари за кампањата бараат и здруженијата кои се противат на референдумот за кампањата „Македонија бојкотира“.
Заклучно со денеска до 12 часот, преку веб апликацијата www.dijaspora.sec.mk до Државната изборна комисија доставени се вкупно 1725 пријави од граѓани за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство.
Од нив, 1612 пријави се прифатени, 27 се одбиени, а останатите пријави се во обработка. Најголем број пријави се доставени за гласање во Берн – 170, во Љубљана – 137, во Лондон – 103, во Торонто – 98 и Канбера 71. Најмал број пријави поднесени се за гласање во Киев, Подгорица и Приштина – по една пријава, и Њу Делхи, Каиро и Доха – по две пријави.
Министерствата, во координација со Владата, ќе мораат да исполнат голем број економски, политички, безбедносни и судски услови, кои треба да бидат реализирани до крајот на април 2020 година.
Во документот испратен од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, меѓу политичките услови што Македонија треба да ги усвои, се нагласени бројни услови од областа на одбраната и армијата. Меѓудругото, се нагласува потребата да се осигура дека нема уставни или законски ограничувања што би можеле да ги попречат колективните одбранбени операции, да се осигура дека сите стратешки насоки за развој, трансформација и функционирање на националниот систем на одбрана и способностите се во согласност со идното членство во НАТО.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска попладне во Стејт департментот на Соединетите Американски Држави ќе се сретне со американскиот државен секретар Мајкл Помпео.
Димитров, како што соопшти МНР, покрај средбата со државниот секретар Помпео, предвидено е да се сретне и со високи претставници на американската администрација – Советот за национална безбедност, Стејт департментот, Конгресот, како и со претставници на невладини организации и други институции во Вашингтон.
Шефот на македонската дипломатија синоќа оствари средби со претставници на Херитиџ Фондацијата и Школата за напредни меѓународни студии при Џонс Хопкинс Универзитетот.
Во Кривичниот суд во Скопје утре почнува нова постапка за случувањата во Собранието на Република Македонија на 27 април минатата година.
Предметот ќе го води судијката од организиран криминал Добрила Кацарска.
Јавното обвинителство на Република Македонија, во март годинава објави дека е поднесен обвинителен акт против 30 лица, од кои 28 за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од чл.313 од Кривичниот законик, а две лица за помагање при вршење на истото кривично дело. Според ЈОРМ, со обвинителниот акт се опфатени три лица, припадници на структурите на Министерството за внатрешни работи, кои како овластени службени лица биле носители на „златна“ и „сребрена“ команда, како и лица кои биле учесници во друга група, како организатори на движењето „За заедничка Македонија“.
А. П.