Фондацијата за демократија на Вестминстер ги презентираше наодите од последното истражување за социо-политичко учество на младите. Наодите укажуваат дека половина од младите луѓе (51 %) покажуваат иницијативност за решавање на општествени проблеми, но само една третина од нив успеваат секогаш или често да ги решат проблемите за кои се ангажирале. Во поглед на Европската Унија, 34 % од испитаниците сметаат дека сме подалеку до влезот во ЕУ во однос на минатата година. Дури 45 % од младите сметаат дека земјата ќе стане членка на ЕУ, што е пад од 15% од пред две години. Половина од младите (57 %) ретко или никогаш не ги следат политичките настани и случувања во земјата. Младите со попреченост се соочуваат со уште поголеми предизвици за активно учество.
На локално ниво, приоритет според младите треба да биде вработувањето (22 %), а следни на листата се образование (15 %), инфраструктура и јавен превоз (14 %) и животна средина (14 %).
Истражувањето беше спроведено во декември 2021, на репрезентативен примерок на млади од 15-25 години. Ова е трето годишно истражување на ВФД на темата.
Дамир Незири, претставник во земјата за Фондацијата за демократија изјави „Преку целосно и доследно имплементирање на законот за младинско учество и политики може да се зголеми учеството на младите национално и локално. Низ ваквата интеракција меѓу младите и институциите може да подобри довербата меѓу нив.“
На настанот присуствуваше и премиерот Димитар Ковачевски, кој изјави „За младите да бидат задоволни треба да се работи на владеење на правото, економски и социјален стандард, еднакви можности и грижа за животната средина. Имаме обврска на идните генерации да им оставиме подобро место за живеење.“
На настанот говореше и Џулија Смит, Заменик- амбасадорка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, а обраќаа имаа и младите активисти Лука Павиќевиќ, Рита Бехадини и Дениз Селмани.
Резултатите од истражувањето ги покажуваат најновите позиции на младите во поглед на учеството, позицијата во општеството, иднината на земјата, институциите, миграциите, пандемијата и толеранцијата. Меѓу препораките кои произлегоа од настанот се изработувањето на Национална стратегија за млади и повеќе средства од државниот буџет за младински политики. Локалните самоуправи да основаат локални младински совети и да отворат младински центри за повеќе можности за младите на локално ниво. Гарантирање на средношколското учество на законодавно ниво и студентски собранија на секој факултет се исто така дел од препораките. Се посочи и важноста која ја има пратеничкиот Клуб за младински прашања и политики во поглед на претставувањето на интересите на младите.