Посетата на претседателот Ѓорѓе Иванов во САД поминува во знакот на пренесување на неговиот став дека нема да излезе на гласање на 30 септември, односно ќе бојкотира.
Во Детроит, на Обединетата Македонска Дијаспора, Иванов и вети дека нема да го подржи референдумот затоа што неговото претседателство не се заснова на промена на Уставот.
„Два пати ја добив довербата на граѓаните за да не дозволам промена на Уставот со цел промена на уставното име, да не прифаќам идеи и предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот. Не отстапувам од тоа мое ветување. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам“, рекол Иванов.
Иванов додал дека спогодбата со Грција е штетна а Македонија и дека согласувајќи се со референдумското навивање „за“ се менува земјата во полусуверена држава. За него побитни се вистински реформи и борба против корупцијата, партискиот елитизам и клиентелизам.
Иванов образложил и дека решението за референдум е решено без национален консензус и без негово знаење и согласност.
Дијаспората, уредно му додели признание „Глобален државник“.
Во Њу Џерси Иванов со истата реторика ги поздрави присутните додавајќи дека нема ништо против Грција и грчкиот народ, но односот со Македонија треба да оди во правец на почитување на меѓусебните разлики.
Како силен поддржувач на #Бојкотирам, Иванов упати порака дека тој гласал кога требало да се гласа за суверена и независна држава на 8 септември 1991 година.
Иванов престојува во САД по повод учеството на 73. сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Успешноста на референдумот зависи од излезноста, односно гласање на половина плус еден гласач од вкупниот број запишани на Избирачкиот список.
Б. Ј.