На панел дискусијата „Борба, не кафана“ по повод Меѓународниот ден на жената, во организација на ЦИВИЛ -Центар за слобода, што се одржа вчера во Менада, Скопје, Маја Ивановска од ЦИВИЛ се осврна на начинот на одбележењето на овој ден.
“ Додека се договаравме за овој настан, сакавме да направиме нешто поинакво, нешто каде што нема да си ги кажеме маките, и да заминеме од тука само со чувство дека ете сме се потрудиле и нешто сме направиле и ќе си олесниме на душата барем еден ден во годината. Не. Сакавме да позборуваме за нешто што сметавме дека изминатите години нешто што ја измени смислата а тоа е одбележувањето на овој ден.
Досега во животот сум поминала дваесетина интервјуа за работа, и во ниту едно од нив не е изоставено прашањето ( во зависност од возраста која сум ја имала кога се случиле интервјуирањата) дали сум во врска, дали сум во брак, дали имам деца, дали планирам да раѓам, од кога родив деца – колкави ми се децата, дали одат на училиште, дали се на целодневна или класична настава, кој ги чува… Сум присуствувала на интервјуа на коишто сум се фатиле себе како објаснувам многу повеќе за мојот приватен живот, отколку а моите квалификации и способности. Верувам дека сите жени коишто се денеска присутни овде, барем еднаш во животот го имаат искусено тоа. Тоа мора да престане. Мора да престане веднаш!
Иако, овие прашања донекаде се регулирани законски, во пракса, овие прашања никогаш не се спроведуваат. И тоа мора да престане веднаш. Не знам дали знаете, но, убавите жени, кои сакаат да излезат надвор од Македонија за да работат, всушност, не излегуваат за да работат, туку да се омажат. Тоа беше одговорот на моето барање за работна виза, на покана од една странска фирма, каде што беше точно определен рокот колку јас треба да работам таму, и кога би се вратила назад… Одговорот којшто го добив беше: Ние се извинуваме, но визата нема да ја добиете, затоа што вие сте премногу убава и многу се големи шансите таму да се омажите и да останете таму засекогаш.
Корупција. Би сакала да зборувам малку и за корупцијата, сигурно ќе се прашате каква врска има корупција со осми март. Во последнава недела преживувам една траума, којашто се нарекува – што ќе и купиме на наставничката за осми март. Нема да ја прочитам целета дискусија на вибер, има најразлични предлози, од ваучери од три илјади, пет илјади, седум илјади денари. Дали децата ќе даваат по сто, сто педесет или двесте денари, дали ќе се купат обетки сварофски, и најинтересното – „Еве еден интересен предлог за ваучер. Понеочекувано изненадување, нема. Ваучер за Спа и масажа за двајца, на пример, во хотел Русија, за да се релаксира наставничката со мажот и.“
Дали сме свесни дека децата од малечки ги учиме на корупција. Ова е типична корупција. Мора да поработиме на тоа, и да ги научиме нашите ќерки да се изборат за своите права, да го бараат сето она што му следува на секој човек на планетава, и пред се, да ги научиме нашите синови да ги почитуваат жените.
Обработка на текстот: Дијана Тахири
камера: Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Биљана Јордановска