Белешки од денот на гласањето на Референдумот, 30 септември 2018 година: Лошиот Избирачки список, но и неефикасната администрација доведе до апсурди на денот на гласањето, како што ЦИВИЛ предупредува веќе со години наназад. Овој извештај на новинарот Арбен Зеќири е извонредна илустрација за тоа како правото на глас е повредено, поради лошиот Список и подеднакво лошиот третман на гласачите што ќе се обидат да го искористат своето право.
Преку 100 граѓанки и граѓани се пожалиле дека ги нема на Избирачкиот список на денот на референдумот, само во општина Тетово. Подрачната единица на Државната изборна комисија и официјално потврди дека до 15 часот околу 100 гласачи се пожалиле кај нив дека ги нема во Избирачкиот список. Но, оваа бројка не е конечна, бидејќи и по 15 часот, набљудувачите на ЦИВИЛ добиваат дополнителни информации за лица што ги нема во Избирачкиот список, така што вистинскиот број на гласачи што „исчезнале“ сигурно е далеку поголема.
Повеќемина им се пожалиле на набљудувачите на ЦИВИЛ дека ги нема во Избирачкиот список, но дека немаат намера да се жалат, бидејќи нивни познати и роднини им кажале дека тоа е бесполезно и дека не можат да завршат работа. При нашата посета во подрачната единица на ДИК во Тетово добивме и потврда дека за оваа ситуација, едноставно, нема решение.
Предупредувањата на ЦИВИЛ дека Избирачкиот список е во лоша состојба се покажаа како реални уште во утринските часови кога на неколку избирачки места во Тетово се појавија првите проблеми со пронаоѓање на гласачите. Неколку гласачи изјавија дека на минатите избори гласале на едно место, а на референдумот биле префрлени на друго. Некои се пожалија дека ги нема никаде во Списокот.
Во избирачкото место број 1949 во Основното училиште „Миѓени“, еден гласач изјави дека неговиот починат татко Абдула Јусуфи е сѐ уште на Избирачкиот список, а тоа го увидел кога гласал. Во рок од само половина час, на избирачките места во тоа училиште се сретнавме со уште двајца што се пожалија дека ги нема на Списокот. Во Средното училиште „Моша Пијаде“ во Тетово, уште еден гласач се пожалил дека го нема во Избирачкиот список. Од избирачкиот одбор му препорачале да се обрати во ОИК или во подрачната единица на ДИК.
Во Избирачкото место 1929, граѓанката Сафије Зеќири била избришана од Избирачкиот список, а тврди дека уште еден сосед констатирал истото на тоа избирачко место. На улица 110, бр. 58, каде што живее Сафије Зеќири, во Избирачкиот список фигурира друго име и презиме, Лумбард Красниќи. Таму е уште од минатите парламентарни избори (2016). Никој не го познава, не живее на таа адреса и не е дел од тоа семејство.
При посетата на зградата на општина Тетово се сретнавме со двајца граѓани што се пожалија дека ги нема на Избирачкиот список и дека, откако друг гласач ги известил дека не можел да си го искористи правото на глас, тие биле иритирани и не се ни обиделе да побараат помош од надлежните органи.
По овие средби со незадоволните гласачи чие право на глас било ускратено, се обративме до подрачната единица на Државната Изборна Комисија за да добиеме точни податоци и да прашаме за начинот за враќање на гласачите во списокот.
Одговорното лице кој се викаше Арбен Фејзули во канцеларијата на ДИК во Тетово ни кажа дека немаат точни податоци, бидејќи сите граѓани кои се пожалиле тоа го направиле усно, а тие самите немаат некој систем на евидентирање или обработување на податоци. Тој воедно нѐ извести дека околу 100 лица до 15 часот се пожалиле дека ги нема на Избирачкиот список. Но, ние контактиравме или добивме информации за дополнителни дваесетина лица што во текот на попладнето, по 15 часот, се обиделе, но не го успеале да го искористат своето право на глас за референдумот.
Така, дознавме за два нови случаи на проблеми со Избирачкиот список на самото излегување од канцеларијата на ДИК во Тетово. Имено, две лица дојдоа да се жалат дека ги нема на Избирачкиот список, иако лични карти извадиле на 30 јули 2018 година. Нивниот проблем не се реши, иако тој се обиде да добие асистенција од „централата“ во Скопје.
Само што заврши оваа епизода, во канцеларијата влезе уште една граѓанка што се пожали дека ја нема во Избирачкиот список. Побара писмен документ со кој канцеларијата на ДИК ќе потврди дека добиле жалба и дека ќе го процесира случајот. Одговорното лице ѝ препорача на граѓанката да се обрати во „централата“ на ДИК во Скопје или да напише писмена жалба што ќе биде копирана и испратена во Скопје. „Нема да стигне во Скопје, туку ќе го фрлите во ѓубре“, одговори граѓанката револтирана и замина.
Арбен Зеќири
фото: Томислав Георгиев/kolektif.mk