На маргините на еден настан поврзан со изборите, еден од шефовите на една од невладините организации, не беше расположен да даде изјава за медиумите.
Нормално, воопшто не е спорно правото да одбие да даде коментар, но интригантна беше причината „не се занимавам со политика“.
„Избори, господине“, велат новинарите. „Не, не се бавам со политика“, одговара тој.
Од кога изборите не се политика?
Првата реакција, претпоставувам, би била дека изборите во Македонија одамна немаат врска со политиките, туку со партиите. И во реалноста во која живееме би била сосема исправна.
Тргнувам од тезата дека ако започнете некој муабет за политичките случувања и соговорникот ви одговори дека не се занимава со политика, всушност мисли на партија/партии.
Па така, ако политика во Македонија е еднаква на партија/партии, тогаш зошто логиката е исправна: Партизирана држава е всушност политиката на Македонија. Што повеќе е инволвирана партијата од која потекнува власта во државата, толку повеќе се тензични политичките случувања во истата.
Но, каде се граѓаните, како највисоко рангирани политички субјекти од чија одлука зависат, или, по правило, би требало да зависат сите политики и генералниот имиџ на една држава?
Во Македонија тие се на маргините, повеќе бројки и статистики, отколку носители на одлуки. И тогаш, не случајно, ќе имате изјави од ваков тип, дека токму оние кои се најинволвирани во политиката, не се занимаваат со неа.
Политиката е процес каде група луѓе донесуваат заеднички одлуки. Па, според тоа, ако изборите се во принцип начин на кој во модерната демократија ќе се донесе одлука за одреден број претставници што ќе одлучуваат во име на сите, тогаш се највисокиот политички чин што граѓаните го користат за општественото уредување и граѓанско владеење во една држава.
Изборите се политика. И ако некој преземе улога на набљудувач на изборите, презел улога на набљудувач на целокупното политичко уредување од што зависи животот на сите субјекти во земјата.
Но, за жал, граѓаните во Македонија уставно загарантираното право на глас, го користат за партиски бенефити, лични профити, многу често и поради притисок, уцени и закани, но многу ретко по лично убедување и политика која нуди најдобар план за тоа како да се подобри општеството во кое живеат.
Една од причините зошто е тоа така секогаш се бара во надлежните институции што треба независно од политичкото, во нашиот случај партиското, раководство на чело на државата, да спроведат изборен процес кој на граѓаните ќе им гарантира безбедност или заштита на нивното право на глас. Или секогаш во служба на граѓаните, никогаш во служба на партиите.
Државната изборна комисија како прва и основна институција која ја има улогата на заштитник, не може ни самата да се одбрани од партиските превирања. Измените во Изборниот законик, новите технологии за гласање, неедуцираните изборни комисии и одбори, членови коишто се партиски зависни, стручна служба која не зависи од својата стручност, туку од одлуките на тие што по правило не треба да одлучуваат во спроведување на работните обврски, се оние што треба да ја вратат довербата на граѓаните.
И додека се вртиме во тој магичен круг на ингеренции и права, а во пресрет на претседателските избори, нам како граѓани не ни останува ништо друго освен уште една борба во докажување дека од нашето политичко ангажирање зависи нечие партиско напредување.
И надеж дека попатно нема да се откажеме, за да докажеме дека изборите се политички процес од кој зависи и какво здравство, образование, економија, патишта, улици и сокачиња, туризам и воздух, па сè до права и слободи ќе имаме. А не избор на партија што ќе се игра власт.
Ако се избориме.