Во пресрет на претседателските избори, а во контекст на искуството со бројот на одбиени приговори од Државната изборна комисја, можеби е време да се споделат малку повеќе информации што значи изборна измама и како таа се казнува.
Изборната измама е посебно битна кога е поврзана со кршење на избирачкото или гласачкото право. Според Изборниот законик, член 149, постапка за заштита на избирачкото право на избирачите, во член 2, се вели дека секој избирач на кого му е повредено личното избирачко право во постапката за спроведување на гласањето може да поднесе приговор до Државната изборна комисија во рок од 24 часа. Државната изборна комисија е должна во рок од 4 часа по приемот на приговорот да донесе одлука. Управниот суд може да ја потврди или преиначи одлуката.
Но, во процесот на поднесување на приговорот и негово уважување дека е прекршено избирачкото право, и ДИК и Уставниот суд ќе се повикаат на Кривичниот законик.
Односно, доколку избирачот приговара за изборна измама, ќе се повикаат на член 165, во кој се вели дека изборна измама има доколку член на избирачки одбор, изборна комисија, одбор на спроведување референдум или друго службено лице во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето што при изборите или гласањето, ќе го измени бројот на дадените гласови со додавање или одземање на едно или повеќе гласачки ливчиња или ќе го измени бројот на гласовите при пребројувањето или при објавувањето на резултатите од изборите или гласањето со додавање или одземање на еден или повеќе гласови, ќе се казни со затвор од три месеци до пет години.
Во пракса, приговорот за изброна измама, обично доаѓа од политичките партии или нивните набљудувачи на ден избори, но и од други субјекти што го мониторираат изборниот процес, а ретко од самите гласачи.
Сепак, прекршувањето на овој член од Кривичниниот законик, директно ја нарушува заштитата на избирачкото право. Со ова се загрозува секој поединечен глас на граѓанките и граѓаните, независно дали гласале на изборите или одлучиле да не излезат на гласање.
Б. Јордановска
Со цел да придонесе кон јакнење на јавната свест за правото на глас, како и за нерегуларностите во изборните процеси, ЦИВИЛ започна со серија едукативни текстови за различни аспекти на изборните процеси.
Граѓанките и граѓаните што имаат информации за кршење на правото на глас, злоупотреби, притисоци и други нерегуларности во текот на изборниот процес, можат да пријават на онлајн формуларот Слободни избори или да контактираат со ЦИВИЛ на [email protected], во инбокс на ФБ страницата на ЦИВИЛ или да се јават на 02/5209176.