Од корнер: Зоран Иванов
Засега никој за ниту една коалициска варијанта не се изјаснува. На таа тема партиите само нешто неразбирливо мрмкаат. Уште ниту една не се изјаснува кој со кого би коалицирал по априлските избори. Сите нешто тактизираат, секој внимава да не навреди некого, да не си подзатвори некоја можна коалициска вратичка.
Сите освен традиционално СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Нивната реторика и сега по правило е груба и беспоштедно обвинувачка. Но, тие се главните изборни играчи и доколку изборниот амбиент не го прават таков, изборите би станале скандинавски досадни. А ние, сепак, уште сме и уште ќе си потраеме тука на Балканот.
Туку, за коалициите. Во неколку црти состојбите засега би можело да се опишат како никогаш побезбојни и идеолошки поисплакнати. Нема леви, нема десни, ниту умерени, ниту радикали. Дури, како што веќе се наѕира, нема ниту различни партиски програми. На овие избори како сите да се туркаат во некаков центар. И изборните партиски програми, освен во насловите на кориците, ќе бидат речиси идентични. Сите ќе градат патишта и пруги, сите ќе качуваат плати и пензии, сите ќе го помагаат бизнисот, сите ќе го чистат воздухот и сите ќе прават правна држава.
Како што отсега се гледа, во партиските пропагирања ќе нема никава идеологија што упатува дека секој е подготовен да коалицира со секого. Или попрецицно, без око да им трепне, во коалиција би бил секој со секого ако таа коалиција подразбира учество во власта. Синдромот Амди Бајрам ги зафати сите политички партии. Сите без исклучок. Од тоа имуни не се ниту најголемите СДСМ и ДПМНЕ. Ништо не ќе е необично ако и овие лути противници, согласно изборните резултати, не си подададт постизборна рака. Во крајна линија, ако гласовите на бирачите така ги наредат коцките и ако тоа го можат едни партиски Германци, зошто во една иста влада не би се спакувале и едни партиски Македонци.
Истото важи и за партиите кон кои гравитира електоратот главно на сограѓаните Албанци. И меѓу нив, само да се влезе во влада, ќе се прегрне секој со секого. И кај нив нема не само идеологија, туку веќе се потрошени и сите национални и сите други скокотливи популистички теми. И ДУИ докажано, но и Алијанса, Беса и Алтернатива, заедно или секоја посебно, ќе сака да се дофати до изборен скор што на секоја одделно ќе им овозможи да се врзат за партијата која има макар и најмали шанси да го добие мандатот за влада. Исто како и кај македонскиот партиски блок, и кај нив сè се сведува само на гола борба да се биде во власта. Таму се привилегиите за сите подеднакво.
Како на ниту едни досега, на престојниве ќе се оди без идеологија, без идеолошка платформа, без идеолошка матрица.
Априлискиве ќе бидат изборна трка без партиски дресови.