Но, официјално, главниот „политички“ губитник кај нас од успешно завршениот попис е десничарската „Левица“. Таа остана единствената, до крај, со повици и активности за бојкот на попишувачите. И се обрука. Повикот им остана со ефект како кога гнило дрво ќе падне во прашума и никој нема ни да го види ни да го чуе, среде предизборна кампања на која се подготвуваат да освојат десетици илјади локални гласачи. Тоа ја потврдува и тезата дека нивниот изборен резултат ќе биде повеќе протестна реакција кон „големите“ две партии/коалиции во македонскиот партиски блок, одошто – на пример – ефективна поддршка на илјадници граѓани за бојкот на пописот. Граѓаните се позрели од партиите за тоа кога и за што треба да се протестира, пишува во новата колумна на Сашо Орданоски „ Пописот заврши – преживеавме!”.
ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ:
– Првиот централен караван „Најдоброто за мојата општина“ е меѓу граѓаните на Градско и Чашка, а централниот настан каде ќе се обратат претседателот на СДСМ, Зоран Заев и кандидатот за градоначалник Ненад Коциќ ќе се одржи во Велес.
– Вториот централен караван „Најдоброто за мојата општина“ ќе се одржи во Илинден на кој ќе се обратат потпретседателот на СДСМ, Оливер Спасовски, генералниот секретар Љупчо Николовски и кандидатот за градоначалник Александар Тодоровски.
– Изјава за медиуми ќе даде Александар Филиповски, кандидат на СДСМ и коалицијата за градоначалник на општина Аеродром, во Паркот на светлината.
– Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја претстави изборната кампања „Создади нова иднина!“ во повеќе населени места: Демир Хисар, Новаци, Могила и на плоштад „Магнолија во Битола.
– Промоција на изборната програма на независниот кандидат за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, во ресторан „Рагуза 360“
– Прес-конференција на кандидатот за градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, пред Етно село во Горно Нерези.
– Маалска средба на „Зелен хуман град“ и Ана Петровска со жителите од Драчево
– Изборни активности на Движењето Беса во Струга.
– Универзитет Американ Колеџ Скопје (УАКС) организира средба со кандидатите за градоначалник на која ќе се дискутира за рамноправноста на студентите во однос на користењето субвенциониран јавен транспорт.
ИЗБОРЕН РАПОРТ: ЦИВИЛ ќе го емитува петтото издание на „Изборен рапорт“ денеска (петок, 1 октомври) малку порано од најавеното, во 10:30 часот. „Изборен рапорт“ со најновите информации од изборниот мониторинг се емитува во живо, на Фејсбук страницата и на Јутуб каналот на ЦИВИЛ.
ОБРАЗОВАНИЕ: Прв академски час ќе се одржи денеска на факултетите во државава, со што ќе се означи почетокот на новата академска 2021/22 година.
ЗЕЛЕНИ: Социјалното претпријатие РЕДИ Рециклажа денеска организира Отворен ден во чии рамки ќе ја презентира својата стратегија, но и сознанијата за важноста и иднината на Ромите во зелената економија.
ФОРУМ: Денес, заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи ќе учествува на форумот „Стратешки економски разговори“, кој е во организација на Бизнис развојната мрежа за Југоисточна Европа (SEEBDN – South East Europe Business Development Network) и ТПА групација (TPA Group) од Австрија, а кој се одржува во Савудрија, Истра, во Република Хрватска.
МОНИТОРИНГ: Рокот за аплицирање за краткорочни изборни набљудувачи на ЦИВИЛ заврши. Избраните кандидати ќе бидат информирани во текот на следната недела, по што ќе следат семинари за обука, соодветно на ситуацијата со КОВИД-19.
КОМУНИКАЦИЈА: Редакцијата ги повикува граѓанските организации и други заинтересирани субјекти да ги испраќаат своите соопштенија, најави за настани и активности, секој ден, најдоцна во 8 часот наутро, за да се најдат во утринскиот преглед на најави на нашата медиумска платформа. Се разбира, прилозите пристигнати по тој термин, исто така, ќе бидат земени предвид за објавување.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев