Укинувањето на додатокот за трето дете или давањето на таков додаток само на семејствата кои имaат пр пониски примања од минимална плата, е мерка која го покажува стравот на власта од растечкиот наталитет кај Албанците. Вака тврди универзитетскиот професор и надворешен член на МАНУ, Изет Зеќири.
Тој вели дека образложението на предлагачите дека мерката не дала ефекти во наталитетот не држи, туку зад тоа се крие обидот да се спречи наталитетот кај Албанците. Според податоците кои Зеќири ги објавил во графикон , бројот на новороденчиња Албанци е многу поголем одколку што е официјалниот процент на албанската заедница во целокупното население во земјава. Според овие податоци во 2017 година има 11.260 новородени Македонци, 7.404 новороденчиња Албанци, 1.276 Роми, а другите заедници се под 1.000. “Мерката која се предлага не може да се споредува со правото кое го имале родителите, кои 10 години примале компензација за третото дете во висина од 8.300 денари. Анализите на владата дека додатоците за трето дете како мерка немале ефект, во себе го носат стравот за наталитетот претежно кај Албанците”, пишува на својот Фејсбук статус Зеќири. Ваквите реакции доаѓат додека во тек се преговорите меѓу ДУИ и СДСМ за предложените измени во некои социјални закони, вклучително и тој за трето дете. Министерството за труд и социјална политика првично предложи укинување на месечниот додаток и замена со еднократна помош. По реакциите на јавноста се дознава дека ДУИ и СДСМ се договориле месечниот надоместок за трето дете да остане но да се доделува само на семејствата кои имат примања не поголеми од минималната плата.
А. Зеќири