Categories

ФИНАНСИИ Изгласан буџетот за 2019 година

Пратениците денеска го изгласаа Буџетот за 2019 година. Вкупните приходи на буџетот за 2019 година се планирани на ниво од 210,8 милијарди денари, а расходите се планирани на 228,5 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е 17,7 милијарди денари, односно 2,5% од БДП, што е намалување во однос на годинава за половина милијарда денари, или за 0,2 процентни поени како процент од БДП.

Повисоки стапки на економски раст, подобар животен стандард на населението, владеење на правото, повисоко ниво на социјална правда и зачленување во ЕУ и НАТО. Ова се клучните цели и приоритети на Владата, што е рефлектирано и во Предлог-буџетот за 2019 година, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски во експозе на Предлог-буџетот на Пленарната седница во Собранието.

„Тој предвидува праведно оданочување и мерки за стабилизација на ПИОМ, при истовремено вложување во сите клучни сектори на општеството: интензивирање на процесот на интеграција во НАТО, со значително повисок буџет за одбрана и повисоки плати за вработените; повисоки плати за лекарите специјалисти и за целиот медицински персонал; повисоки плати во образованието и градинките; целосно реформиран систем на социјална заштита со минимален гарантиран приход, социјална пензија и образовен и детски додаток; историски највисоко ниво на средства за активни мерки за вработување и за поддршка и поттикнување на инвестиции; раст на платите на сите вработени во јавната администрација; како и амбициозен но реален план на јавни вложувања во инфраструктурата“, изјави министерот за финансии Драган Тевдовски.

За капитални инвестиции се издвојуваат 26 милијарди денари. За капитални расходи за патната и железничка инфраструктура планирани се 5,2 милијарди денари. За капитални инвестиции во енергетска и комунална инфраструктура проектирани се 5,5 милијарди денари. За уредување на технолошко индустриските развојни зони планирани се 631 милиони денари. За здравствениот сектор планирани се капитални инвестиции во износ од 1,3 милијарди денари. За образованието, детската заштита и спортот проектирани се капитални инвестиции во износ од 2,8 милијарди денари. Во насока на поддршка на земјоделскиот сектор предвиден е зголемен обем на капитални инвестиции во износ од 3,3 милијарди денари, кои се наменети за рурален развој, изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства.

Буџетот е планиран врз проекција на раст на БДП од 3,2% и инфлација 2%.

image_pdf image_print
Print Friendly, PDF & Email