Во Собранието вчеравечер по скратена постапка се донесе Законот за амнестија, по постигнувањето согласност за опфатенота цо законот во Интерпартиската парламентарна група за реформи.
Обвинетите имаат рок од пет дена по донесувањето да поднесат индивидуално барање до Судот и јавното обвинителство, кои се надлежни за случајот.
Законот се изгласа со 95 гласа „за“, без против и воздржани. Го поддржаа и двајца пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски и Панчо Минов, коишто се придружија на листата предлагачи.
Амнестијата за случувањата во Собранието на 27 април 2017 нема да ги опфати организаторите и подготвувачите на настанот, лицата кои извршиле физичко насилство, лицата со фантомки кои извршиле насилство, кои носеле оружје и експлозивни направи, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања.
Од амнестија ќе бидат изземени и лицата кои се обвинети за здружување заради непријателска дејност согласно чл. 324 од КЗ, се согласија вчера членовите на Интерпартиската парламентарна група за реформи, интеграција и помирување.
Законот и одредбата која ги исклучува дејствијата што не влегуваат во амнестијата остануваат на оценка на Јавното обвинителство и судот. Судот ќе донесе решение по претходно мислење на Јавното обвинителство кое ќе го темели врз основа на докази со кои располага.
Д.Т.