„Јакнење на малцинствата и специфичните групи за промовирање на партиципативна демократија на ниво на заедницата“ е проект кој го реализира Центар за граѓанска иницијатива, во соработка со ЦИВИЛ Медиа и е поддржан од германска програма, поддржана од Министерството за надворешни работи на Германија.
„Главната цел на проектот е да се поддржат механизмите за институционална одговорност и да се унапреди граѓанското учество, особено на малцинствата и специфичните групи во партиципативната демократија, или она што се вика донесување на одлуки на локално ниво. Малцинствата и специфичните групи, особено оние гласачи кои гласаат за прв пат, многу често не излегуваат да гласаат или начинот на кој одбираат за кого ќе гласаат е на помалку информиран начин. Многу често не се задлабочуваат во програмите кои ги имаат политичките партии“, изјави Кристина Павлоски, заменик директорка за програми од Центарот за граѓанска иницијатива.
Таа додава дека во рамките на проектот во тек е обука за дел од младите и припадниците на специфичните групи, која се однесува на јакнење на нивните капацитети, односно информирање на сите механизми кои постојат во државата, за тоа како да ја донесат вистинската одлука и како тие да се вклучат во процесите на донесување на одлуки на локални ниво.
„Во рамките на проектот се вклучени 10 општини од државата и тоа: Прилеп, Ресен, Крушево, Долнени, Битола, Куманово, Велес, Штип, Дебар и Гевгелија. Целта преку овие обуки е да се направат едни јадра на млади лидери во тие општини, кои би разговарале подоцна и со нивните врсници во однос на тоа како сите заедно можат да се вклучат во локалните процеси на донесување одлуки“, додава Кристина.
Ангела Петровска
Камера: Атанас Петровска
Монтажа: Биљана Јордановска