Градоначалникот на Кавадарци и поранешен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев, во вчерашното интервју за „Фокус“ одговори на обвинувањата на Христијан Мицкоски, за најголемиот поткуп на овие избори се случил во Кавадарци и изјавата дека Јанчев е потрошен кадар. Јанчев, исто така, ги открива и своите идни планови поврзани со партијата.
Во интервјуто Јанчев на обвинувањата за поткуп вели дека причината за тоа е што Мицкоски секогаш сакал Кавадарци да го има ,,под свое” поради што и го разрешил од функцијата потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
На прашањето дали тој е идниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и како ќе ја преземе партијата Јанечв одговори дека едноумието не води кон успех и дека се потребни промени во партијата.
„ВМРО – ДПМНЕ ќе дочека подобри денови, кои всушност ги чека одамна. Оваа ситуација не може да биде вечна. На луѓето веќе им е смачено од сите притисоци и тапкањето во место. Потребна е целосна промена, со демократски ставови, со различни мислења, со различни совети од сето тоа на крај да умееме да го извлечеме најдоброто. Едноумието не води кон успех, премногу субјективно размислување не носи чекор назад. Кога Митко Јанчев ќе го преземе ВМРО – ДПМНЕ, секојдневното функционирање на партијата ќе се движи во еден сосема поинаков правец, а тоа значи европеизација, демократизација, економија и просперитет за секој еден граѓанин во нашата земја“, вели Јанчев во интервјуто за Фокус.