„Булеварот Србија, во насока кон Гази Баба е тесно грло поради непуштениот мост Михајло Апостолски, а со реконструкцијата се прави и дополнително оптоварување надвор од градежната сезона, која ја најави самата градоначалничка“ изјави советничката во Град Скопје од СДСМ, Љубица Јанчева во „24 анализа“ на ТВ24.
Таа додаде дека завршија сите три фази од предвидената градежна сезона, а реализација немаше, туку реконструкциите се вршат сега со почната учебна година, кога денот е помал.
„Згора на тоа, работите не се одвиваат со интензивно темпо. Слична е ситуацијата и на излезот од општина Аеродром, бидејќи кон центар се реконструира булевар Кузман Јосифовски Питу. Трета недела се раскопани двете ленти, а не гледаме дејствија“ рече Јанчева.
Советничката изјави дека тие како советници од медиумите добиваат информации за динамиката и планот за реконструкција на булеварите, бидејќи тоа не може да го добијат од градоначалничката.
„ЈСП минатата година ја завршило со долг од 2 милиони евра. Сега за десет месеци, тие направија три пати поголем долг од наследениот. Тие 360 милиони денари, колку што биле за субвенции за студентски и средношколски бесплатен превоз, нема да стигнат да се покрие долгот кон приватните превозници или кон добавувачите на нафта“ изјави советничката во Град Скопје од СДСМ, Љубица Јанчева во „24 анализа“ на ТВ24.
Таа додаде дека за тоа нема оправдување, бидејќи Град Скопје има избрана градоначалничка и Совет на избори одржани минатата година.
„Очигледно Арсовска имаше решение за проблемот – бесплатен јавен превоз, кој го вети и на кој бран се фатија мнозинството од граѓаните. Ајде да почнеме со реализација“ рече Јанчева.
Советничката од СДСМ додаде дека на секое споменуваање на бесплатниот јавен превоз, одговорот е дека тој ќе почне со реализација во етапи, но по измината една четвртина од мандатот, се уште нема никаква реализација.
„Измина една четвртина од мандатот, немаме на повидок бесплатен јавен градски превоз. Немаме на повидок нови автобуси. Ќе заврши мандатот, автобусите нема да стигнат, бидејќи објективно не може да стигнат“ рече Јанчева.