Во разговор со ЦИВИЛ Медиа, за Перспективи 2019, главниот уредник на Телевизија 24, Огнен Јанески, вели дека во 2018 година имавме многу големи очекувања, особено во делот на внатрешната политика, на реформите кои ги очекувавме, особено економските, но дека сето тоа се одложило за оваа 2019 година.
Како една од работите кои сме ги добиле во 2018 година, Јанески го потенцира Договорот од Преспа и дека во однос на тој договор имаме поделеност на граѓаните на две страни, како една страшна загуба на една страна, а на друга страна оние за кои претставува голема придобивка.
„Од една страна се граѓаните кои биле свесни дека името на државата секако ќе мораше да се промени, затоа што отсекогаш тоа претставувало предуслов за започнувањето на преговори со ЕУ, а од друга страна ги имате луѓето кои можеби знаеле или биле свесни за тоа, но не сакале да го прифатат фактот дека името на државата ќе биде променето. Во таа ситуација најголемата придобивка ја гледам токму за Договорот од Преспа, но зависи од чија страна гледате, можеби ќе помислите дека е и најголемата загуба што сме ја имале. Сметам дека ние со тој договор добивме многу и задржавме многу, впрочем и реакциите кои ги имаат и огромен број на политичари во Грција, го покажува фактот дека ние имаме добиено повеќе од нив, иако не е борбата на Титаните, за тоа кој добил повеќе или не, туку да се заврши конечно приказната со тој спор“, додава Јанески.
За 2019 година, Јанески се надева дека Владата која што ја предводи СДСМ конечно ќе се посвети на нешто што се случува внатре во државата.
„Ние сме сведоци на сериозно продолжување на навиките кои ги имаше владата на ВМРО-ДПМНЕ и поради кои огромен број на народ се креваше постојано на протести против таа Влада. Значи ги имате тендерите, јавните набавки кои што се исклучително проблематични и доделувањето на грантови на фамилии, братучеди, пријатели… Значи нам не ни треба уште една Фамилија, ние не сакаме повторно да се најдеме во една ситуација за која што сме сметале дека е погрешна и таа се променила и сме очекувале дека токму тоа ќе биде променето, и јас се надевам дека владата на СДСМ сега во 2019та година прво ќе ја крене метлата и ќе зачисти сè што има за зачистување на некои остатоци на претходниот режим, во однос на повторно продолжување на тендерски коалиции, на повторно маневрирање на државните и парите на граѓаните и нивно фрлање во воздух или во сопствен џеб, за разлика од интересот на јавноста. Носењето на популистички закони, носење на закони кои имаат европско знаменце, а не им е потребно, е многу погрешно и испраќа многу погрешна порака кон народот“, вели Јанески.
„Имате криминалци што се во бегство, од друга страна амнестирани, трети за кои се знае дека преговарале за гласањето на уставните измени за да бидат амнестирани, а во затвор ви седат луѓето со кебапите, марулата, бабичката што продавава чај и оние граѓани со кои вие посочувате дека во оваа држава да владее правда… “, додава Јанески.
Ангела Петровска
Камера и фотографија: Дехран Муратов
Монтажа: Биљана Јордановска