Кој од нас нема или не сака да има братучед во Германија?
Јас имам еден постар братучед од Германија и тој ја сака многу солта кога ќе види отворена рана, и секогаш ми велел дека Македонија нема НИКОГАШ да влезе во Европската Унија?!?!
Многу пати сум го молел да не го вели тоа и да не ја споредува Македонија со Германија, но тој упорно користи чачкалица врз заб со падната пломба. Чачкалицата е во негови раце а забот со паднатата пломба е во мојава уста.
Пред некој ден ви ја опишав мојата средба со Итар Пејо и Настрадин Оџа во охридски Аквариус. Ги прашав повторно, да не смениле мислење. Сите четворица, и Настрадин Оџа, Итар Пејо, Јудах Мозес Бен Москони и Рафаел Камхи Скендербег ми одговорија без двоумење – Ако Македонија не добие датум, кривецот е францускиот амбасадор и Република Франција.
Тогаш им кажав за мојот братучед од Германија. Го знаеја и тие.
Настрадин Оџа- За кого ни кажуваш, за братучед ти кој вели, Во земјата на слепците, едноокиот е крал? Тој ли го думаш?
Ја сам Сања Трумбиќ – Тој Настрадине, тој ме плаши. Тој секое лето ме потсетува дека ние во Македонија сме и ке останеме слепци, и дека тој, гастербајтерот со едно око е нашиот самопрогласен крал.
Итар Пејо- Немој да го дружиш и готово, ќе ти олесни.
Ја сам Сања Трумбиќ – не можам Пејо, тој ми е прв братучед, имаме исто презиме Трумбиќ. Тој башка тоа, нема ни брат ни сестра, јас сум му замена, а тој ако нема кому да му удри шлаканица ќе се асимилира, ќе стане вистински Германец. Вака дури ме шамара мене секое лето, има надеж дека до крајот на својот живот ке остане завидлив и фалбаџија како сите Балканци.
Тогаш, моите двајца еврејски пријатели, Јудах Мозес бен Москони и Рафаел Камхи Скендербег ми пријдоа и ме седнаа на маса.
Рафаел Камхи- Сања, зошто не го прашаш твојот германски братучед за холокаустот?
Сања Трумбиќ- Ние хрватите немаме ништо со холокаустот.
Јудах Мозес бен Москони – Госпоѓо Трумбиќ, и јас немам ништо со холокаустот, живеев многу векови пред да се случи, но ако сакаш да го победиш Германецот во аргументи, треба само да му го споменеш ХОЛОКАУСТОТ, и тој занемува, чути како риба.
Сања Трумбиќ- Потполно ве разбирам господа, но мислам дека не е фер да го користам аргументот за холокаустот за да докажам дека на Македонија и следува датум за пристапни преговори. Македонија стана Северна Македонија, Солун се помири со Скопје, премиерите се номинирани за Нобелова награда за мир а поважна работа од мир на земјината топка нема. Нобеловата награда за мир има голема важност за Северна Македонија, но уште повеќе дека би ја добила Грција, Хеленската Република, како наследник на славната Атина, стожерот, лулката на светската демократија. Мојот аргумент за датумот нема потреба од такви ниски удари.
Настрадин Оџа- Ти госпожа Трумбиќ, сакаш играва да биде фер, или сакаш да успееш и да добиеш датум за преговори?
Ја сам Сања Трумбиќ- јас само сакам да докажам дека е во интерес на цела Европска Унија за да Македонија еден ден биде членка на Европската Унија.
Итар Пејо- Ситиот не му верува на гладниот, госпожа Трумбиќ.
Настана тишина. Сите се задлабочивме во нашите мисли. Настрадин Оџа, Јудах Мозес бен Москони, Итар Пејо, Рафаел камхи Скендербег и `Ја сам Сања Трумбиќ`.
Чутевме долго.
Јудах Мозес бен Москони- Госпожа Трумбиќ, имате ли вие Фондација Конрад Аденауер во Македонија?
Рафаел Камхи- Сигурно дека има. Фондацијата Конрад Аденхауер ги тренира сите мои ВМРОвци, но овие денешниве ВМРОвци не се ни одблиску такви какви што бевме ние во времето на Дамјан Груев, Георги Делчев и другите ВМРОвски револуционерни мажи. Но такви се какви што се, одат со предзнак на ВМРО и јас си ги сакам и поштувам, а Фондацијата Конрад Аденхауер ги оспособува за еден ден да бидат напредни европејци. За жал, ете повторно си ги покажуваат рогчињата, и наместо да навиваат за ловецот, тие навиваат за берлинската мечка. Конрад Аденхауер ги рани за гулаби а тие растат во утови и навиваат и заговараат отворено за нивната држава Македонија да НЕ добие датум за пристапни преговори, како оној братучедот на ја сам Сања Трумбиќ, сакаат да останат сите слепци, за тие да бидат еднооките кралеви.
Настрадин Оџа- Сепак, како и да е, предлогот на Јудах е фантастичен, треба да го прифатиш.
Ја сам Сања Трумбиќ- Но господинот Јудах Мозес сеуште не предложил ништо?!?!
Итар Пејо- Госпожа Сања, ние мртвите души, сите имаме ист ум кој вади само најсмели и најубави и трајновистински мисли. Сите мртви германски војници од првата и втората светска војна, сите евреи изчезнати во Холокаустот, сите француски војници кои загинаа овде во Македонија или во Алжир, и јас како Итар Пејо, Настрадин и Јудах Мозес и неговиот пријател Рафаел Камхи, мислиме најточно и најправично, затоа што нашите мисли не се заробени во живото тело. Вие живите, грешите токму поради животот во вас. Животот бара работа, амбиција, а таму каде што има работа и амбиција таму ќе се појават и грешките…како се вели- Кој работи, тој и греши. Во смртта е мудроста, таа те учи на све. Затоа, послушај не, и одржи концерт во Фондацијата Конрад Аденауер. И тоа почни сега тука, јавно, тие ќе те слушнат. Впрочем тоа им е и задолжението, да слушаат кога се зборува за нив, и немој да зборуваш, се е кажано веќе, кој разбрал разбрал, кој не разбрал, нека си се припрема за големата свадба.
Ја сам Сања Трумбиќ-
Danke Deutschland, meine Seele brennt!
Danke Deutschland, für das liebe Geschenk.
Danke Deutschland, vielen Dank,
wir sind jetzt nicht allein,
und die Hoffnung kommt in das zerstörte Heim.
(Илустрација: Bartolomeo di Giovanni, The wedding of Thetis and Peleus)
[divide]
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.
Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.