CivilFest
Categories

(АНТИ)КОРУПЦИЈА Како Антикорупциска стана заштитник на корупцијата

ЦИВИЛ – Центар за слобода со години интензивно ја следи корупцијата, со посебен фокус на политичката корупција. Мониторингот најчесто е дел од долгорочниот мониторинг на состојбата на човековите права, политичките, а особено изборните процеси. За жал, корупцијата е составен дел од политичкото или поконкретно партиското битисување, обидите да се соберат политички поени и стекнување со неприкосновена моќ за одржување на власта. Изборите се окосница на сите политички процеси и се јасен показател како (ќе) изгледа практикувањето на власта.

Државите формираат институции што се борат против корупцијата. Антикорупционерите, во принцип, треба да се неутрални, објективни и вистински независни од политички, бизнис, институционални, партиски и други влијанија. Како контролори, тие имаат право да покренуваат истраги од кои не смеат да бидат имуни функционерите, вклучително и претседателот или премиерот на една држава.

Но, дали е така? Државната комисија за спречување на корупцијата на Република Македонија (ДКСК) во текот на изминатите години покажа дека дел од коруптивниот апарат што го создаде претходната власт. Повеќе авторки и автори објавија долга серија текстови на медиумската платформа на ЦИВИЛ за тоа како Антикорупциска, стана заштитник токму на корупцијата, што е своевиден апсурд. Особено интензивно беше истражувањето на ЦИВИЛ за коруптивното дејствување на ДКСК од крајот на 2017 година па наваму.

Корупцијата и борбата против неа, од најразлични аспекти и по најразлични поводи, беа тема на поголем број информативни содржини на медиумската платформа на ЦИВИЛ. Се објавуваа бројни анализи, ставови, критики и прашања поврзани со корупцијата. Интерната статистика на ЦИВИЛ открива дека само на www.civilmedia.mk објавени 716 текстови во последните 3 години (до средината на ноември, 2018), од кои дури 600 во 2017 и 2018 година.

Од тие содржини, преку 100 текстови се колумни, коментари, ставови, наоди и анализи на врвни експерти и претставници на граѓанското општество, вклучувајќи го и новинарскиот тим на ЦИВИЛ Медиа и мониторинг тимот на ЦИВИЛ – Центар за слобода.

За одбележување се колумните на политичкиот аналитичар Сашо Орданоски кој често пишува за корупцијата во својот динамичен колумнистички серијал под заеднички наслов „Добро утро со Орданоски“, како и на Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ, кој од средината на 2017 година, речиси секојдневно пишува колумна или, како што стои во наднасловот на неговата редовна колумна „Рафал“.

Неодамна, ЦИВИЛ започна со нова серија колумни во рубриката „Правни перспективи“ со Мирјана Најчевска, експертка за човекови права. Тие, како и сите други авторки и автори овозможуваат да се фрли светлина на коруптивните елементи во политичките релации и состојби во државата.

ЦИВИЛ по повод утрешната конференција „За општество ослободено од корупција“ подготви и публикација посветена на антикорупцијата односно предизвиците што ги носи борбата против корупцијата. Публикацијата претставува избор од содржини објавени во рубриката МИСЛА на www.civilmedia.mk  од крајот на 2017 до средината на ноември, 2018 година.

Изборот е направен хронолошки, од најновиот текст кон најстариот и претставува своевиден водич низ јавната перцепција на корупцијата и антикорупциските процеси и проекти.

Биљана Јордановска 

Print Friendly, PDF & Email