Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека не се очекува влијание врз снабдувањето со нафтени деривати, но оти санкциите од САД кон Русија влијаат врз берзанските цени, кои заедно со курсот на доларот се земаат во предвид при формирање на малопродажната цената на нафтените деривати, пишува Глас на Америка.
Санкциите кои администрацијата на претходниот претседател на САД, Џо Бајден, непосредно пред самото заминување ги воведе врз руската нафтена индустрија, поради војната во Украина, барем засега нема сериозно да влијаат врз Северна Македонија, односно врз домашното снабдување со природен гас, вели експертот по енергетика, Константин Димитров.
Тој смета дека овие мерки индиректно се насочени како притисок и врз Србија, затоа што српската нафтена индустрија НИС, поради сопственичкиот удел на руски Газпром неодамна се најде на американската „црна листа“, поради т.н. секундарен ризик. Димитров, предупредува дека ваквата состојба сепак би можела да има влијание врз цените на енергенсите на пазарот.
Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека согласно податоците од годишниот извештај за 2023 година на РКЕ, трговците на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт, го вршеле увозот на нафтените деривати во земјава од 11 држави. Најмногу нафтени деривати биле увезени од соседните држави и тоа: Од Грција 87,74 отсто и Бугарија 7,44 отсто. Следуваат Албанија со 2,74 отсто, Србија 1,67 отсто, Франција 0,14 отсто, Романија 0,069 отсто и мал процент на увоз од други земји.
„Согласно овие податоци не се очекува влијание во однос на снабдувањето со нафтени деривати кај нас. Но, овие санкции влијаат врз берзанските цени, кои заедно со курсот на доларот се земаат во предвид при формирање на малопродажната цената на нафтените деривати“, велат од РКЕ.
И Димитров повикува на внимателност и будно следење на состојбата.
„Не смее никој да легне и да рече, да готово сум го решил проблемот. Има повеќе елементи кои влијаат. Не само санкциите. Тука е и војната во Украина, затоа што Украина сега презема некои драматични мерки против Европа под наводници, спречува да има дотур на нафта кон Европската заедница. Од тоа најмногу се погодени Словачка и Унгарија, делумно тоа се однесува и на Австрија. Ако Америка направи посебни санкции за Србија со нивната нафтена индустрија, ќе видиме како ќе се одвива тоа“, посочува Димитров.
Инаку пред десеттина дена, глобалните цени на нафтата достигнаа највисоко ниво, во последните неколку месеци. Цената на нафтата од типот Брент се искачи и на 81 долар за барел, а цената на американската нафта ВТИ (WTI) околу 78 долари. Трговците со нафта на светските берзи, изразија загриженост, дека најновите американски санкции, можат да предизвикаат нарушување на пазарот со деривати, односно да го намали снабдувањето, објави Глас на Америка.