пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Малку се насмеавме со министерот за информатичко општество и администрација Манчевски деновиве, се пошегувавме и нашаливме. Шегобиец е човекот по природа и сака да нѐ развесели во овие не многу весели времиња.
Што би рекла мојата драга наставничка по историја од основно училиште, се насмеавме, се пошегувавме, ајде сега да работите.
И јас сакав најсериозно да направам една многу сериозна анализа за тоа што би требало да опфати реформата на администрацијата (онака, една убава сериозна рамка).
Ама ја загрешив работата и почнав да го читам Нацрт Извештајот за проценка на влијанието на предложените законски промени за вработените во јавниот сектор. И пукна тиквата. Не можам да запрам од смеење. До болка.
Прво, целите за промена на регулативата. Во целите ги нема граѓаните и задоволувањето, на најдобар можен начин, на потребите и интересите на граѓаните. Не. Давањето подобра услуга не е цел на законот. Не. Цел на законот е промена на законот (дорегулирање, регулирање, ревизија на опфатот на законот, нови концепти за вработување, поедноставување на донесувањето на актите за систематизација, …). Во превод, промената на законот е цел сама за себе и нема никаква друга цел.
И, после вака утврдената цел доаѓа еден генијален дел: вели, постојат две можни решенија – да не правиш ништо и да направиш ништо. Неверојатен избор.
Ингениозноста не завршува тука.
Вели:
Ако ја одбереме опцијата „Не прави ништо“ нема да има позитивни влијанија, а негативно влијание ќе биде тоа што нема да биде променет законот.
Ако ја одбереме опцијата „Ајде да го промениме законот“ нема да има никакви негативни влијанија (ова на жими мајка ни го тврди најверојатно министерот), а ќе има едно чудо позитивни влијанија, кои соодветствуваат на целите. И, нема ризици (ова пак на жими мајка на министерот).
Под наслов „Можни позитивни и негативни влијанија од секоја од опциите“ (оние двете: „Не прави ништо“ и „Прави нешто“) стои:
4.1. Економски влијанија
Нема
4.2. Фискални влијанија
Нема
4.3. Социјални влијанија
Нема
4.4. Влијанија врз животната средина
Нема
4.5. Административни влијанија и трошоци –
а) трошоци за спроведување
Нема
б) трошоци за почитување на регулативата
Нема
И јас ете така се прашувам, ако нема ниту едно од овие влијанија, ами зошто да го менуваме законот? По мое длабоко уверување (сигурно погрешно) законите се менуваат за да имаат влијанија. Нели? Економски, социјални, …
И, на крај, доаѓа најзабавното.
Ефектите од менувањето на законот ќе бидат потврдени со:
- Зголемен број на квалитетни кандидати за вработување, унапредување и прераспоредување во јавниот сектор и,
- Унапредена и воедначена пракса за управување со човечки ресурси во целиот јавен сектор.
Многу сакам да знам како ќе се измери зголемениот број на квалитетни кадри (во однос на која претходна бројка и кое претходно ниво на квалитет), и како ќе се измери унапредувањето на праксата во управувањето со човечките ресурси (која пракса ќе ја сметаме за почетна позиција од која ќе го пресметуваме унапредувањето, на пример).
Целиот спис завршува со предлогот за завршна реченица:
„Врз основа на резултатите од анализите прикажани во Извештајот за проценка на влијанието на регулативата сметам дека препорачаното решение (опција) претставува најдобар начин за решавање на проблемот и постигнување на очекуваните ефекти на најекономичен начин.“
Тоа значи дека министерот после длабоко размислување ќе реши дека опцијата да се прави нешто е подобра од таа да не се прави ништо и дека таа опција гарантира дека ќе биде променет законот и дека таквата промена нема да има никакви влијанија, ниту ризици, ама многу позитивно ќе влијае врз статусот на вработените во јавниот сектор? Или?
Следниот пат, за реформата на администрацијата и наградувањето на неспособните како нов тренд во реформите.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.