Фотографијата со претседателскиот кандидат на СДСМ и ДУИ, Стево Пендаровски, во седиштето на ДУИ, којашто предизвика многу реакции кај граѓаните, е добар показател за политиките и меѓусебните односи на сегашната власт.
Како да требаше да се види на слика за да се поверува дека ДУИ што го бојкотираше Стево на минатите избори, и Стево којшто за ДУИ велеше дека се тоа, тоа и тоа, сега седнале на една маса и како најдобри другари ќе тераат претседателска кампања. Останува да се види дали Али Ахмети ќе биде исто толку гласен како што беше Заев на локалните избори кога бараше гласови за ДУИ.
Туку, друг ми е муабетот. На една Фејсбук објава со истата слика придружена со текст, дека штом Пендаровски, којшто го гласаа голем број Албанци на минатите претседателски избори, седнал на иста маса со ДУИ, нема веќе да ги добие. А нема да ги добие, исто како што ДУИ не ги доби на минатите парламентарни, односно, граѓаните решија да ги казнат СДСМ, а и решија да се сетат и дека истиот Пендаровски во деведесетите беше шеф на кабинетот на безбедноста, во времето кога се случи Бит Пазар, Гостивар, и други полициски акции врз албанското население. Под објавата имаше еден коментар, кој ме инспирира да пишувам денеска на оваа тема. Вели: Е па за кого ќе гласате, за Силјановска?!
Нема да гласаат за Силјановска. Изненадувањето на овие претседателски избори, а коешто не се доживува како изненадување, барем не засега, и коешто не се перцепира и третира како достојно, е кандидатурата на проф. д-р Блерим Река. Својата кандидатура Река ја најави на Фејсбук, ден пред усогласувањето на ставовите помеѓу СДСМ и ДУИ за заеднички кандидат, којшто го нарекуваат консензуален, а СДСМ дури се обиде да го поттурне и како натпартиски. Да се разбереме, Пендаровски може да нема партиска книшка, но сите негови политички функции, вклучително и претседателските кандидатури, се одвиваат за време на мандати на СДСМ, и во оркестрација на СДСМ. Така што, Пендаровски е кандидат на СДСМ, со кој што, навидум, се сложи и ДУИ.
Велам навидум, бидејќи, ако некој ги следи реакциите, или отсуството на реакции на членството на ДУИ, освен тие на првиот ешалон, јасно се гледа дека Пендаровски не е нивниот фаворит за претседателски кандидат. Дури, се шпекулира дека кандидатурата на Река е иницирана од ДУИ, што не е за чудење, но натаму нема да чепкаме, до крајот на изборниот процес. Официјално, кандидатурата на Река ја поддржуваат опозициските Алијансата за Албанците и Беса. Како и голем број граѓани Албанци, симпатизери или припадници на сите албански партии, како и тие што не гравитираат кон ниедна партија. И во голем дел, граѓани што протестираа против режимот ВМРО – ДУИ, разочарани од политиките и делувањата на сегашната власт, којашто ја донесоа самите, а јас би кажала, разочарани од своите очекувања од ветувањата на власта. Како и да е, мотивите на Река за своето кандидирање на претседателските избори, засега се нејасни, барем што се однесува до „независниот“ дел.
Како што се одвиваат работите, се чини дека ДУИ, како целина, ќе ја одмолчи кандидатурата на Блерим Река, со тивка, но масовна поддршка во форма на гласови. Бидејќи, вториот и третиот ешалон од ДУИ, од коишто има голем број на покајници од бојкотирањето на минатите претседателски избори, луѓе коишто навистина мислеле дека со бојкотот, Иванов нема да победи, но со текот на времето си ја увиделе грешката, или поточно, последицата од беспоговорната послушност кон лидерот (така е кога си член партија, нели) , освен што добар дел од нив се во стари домашно- пријателски односи со Река и без размислување ќе му го дадат гласот, во некоја интересна телепатска врска со лидерот Ахмети, во тајност и ќе ликуваат за својот придонес кон негласањето за Пендаровски. Ај разбери!
Така што, зад еуфоријата за кандидатурата на Пендаровски, небаре веќе победи, како да се крие голема несигурност, бидејќи Силјановска, според досегашните изборни искуства, кога станува збор за избирачкото тело на ВМРО -ДПМНЕ, а и од други гласачи, е сепак јак противник на Пендаровски. Додека за кандидатурата на Река, сè уште не се свесни дека ќе им ја замати водата, и тоа на неколку нивоа. Несвесноста на СДСМ по оваа кандидатура доаѓа од длабокото непознавање на албанската ментална структура, од високата препотентност во своите структури, и потценување на се што не е СДСМ. ДУИ, од дргуга страна, ќе си ја одигра улогата на „послушен“ коалициски партнер со повремени блесоци на непослушност и несинхронизираност со партнерот, коишто на крајот на денот се „пеглаат“ со меѓусебни тапкања и нови договори, и ќе си ја тера водата на свое поило, независно од договорот, како и обично.
Сепак, и покрај општото мислење дека овие избори ќе бидат помеѓу ВМРО – СДСМ, ќе биде интересно, посебно во вториот круг. Ќе бидат избори помеѓу ВМРО – СДСМ – ДУИ и граѓаните.
За крај, прашањето ми е – наместо во чаршија, кој кандидат ќе се осмели да прошета низ Серава и Гази Баба? Од таму се добиваат и губат многу гласови.