Активистот Акиф Кариман од Романо Авази за ЦИВИЛ Медиа вели дека и оваа година 8-ми Април е во центарот на вниманието како Меѓународен Ден на Ромите. Тој додава дека и овој пат има безброј честитки од сите институции кои директно или индиректно преку нивните одлуки имаат одговорност за ситуацијата во која се наоѓа ромската заедница.
„Исто така оваа година повеќе од било кога укажува на последиците од неправдата и системската исклученост на Ромите. Во ситуација кога целиот свет е заклучен, се мерат ризици и се преземаат мерки за превенција и заштита од КОВИД-19 се заклучува дека сè што им е ускратено на Ромите во минатото е потенцијален ризик за целото општество. Ова укажува дека ние мора да бидеме приоритет и да се компензира сè што ни било ускратено претходно додека не постигнеме иста стартна позиција како и сите други. Друг аргумент за оваа потреба е ширењето на говор на омраза кон Ромите и „скриениот“ фашизам кај дел од населението кој е деструктивен за сите.
Од друга страна, на овој Осми Април доаѓа до израз дисциплината на Ромите и придонесот во спасувањето на светот. Доаѓа до израз само-организираноста, солидарноста и жртвувањето на сите работници Роми (лекари, медицински сестри, вработени во ЈКП, дијаспората итн.) за доброто на сите. Оваа година повеќе од било кога се гледа дека сме народ достоен да организира, води и управува, дека сме политички потенцијал кој треба да се земе во предвид кога ќе почнеме со обновувањето на нашето општество (се надевам што поскоро).
И на крај, оваа година ние Ромите сме обединети, самоорганизирани повеќе од било кога. Се чуваме, помагаме и подучуваме на транснационално ниво и промовираме модел на самоорганизирање во време кога речиси сите се во апатија и недостиг на идеи како да се справиме во кризата. Најтешкото допрва доаѓа, но ние сме тука да помогнеме на сите со нашето знаење, искуство и идеи!
Bahtalo 8-toto April“, вели Кариман.
Д.М.