ВЕСТ НА ДЕНОТ
Кастриот Реџепи ги демантира наводите за негово киднапирање
Пратеникот Кастриот Реџепи од редовите на Беса, денеска се појавил во полициска станица и изјавил дека пријавата за негово исчезнување е невистинита и дека со своето семејство по сопствена волја бил кај негов пријател за да се заштити од публицитетот што се предизвика од неговото отсуство вчера, на собраниската седница за гласање на недоверба на актуелната влада.
Со ова ги демантира наводите од политичките претставници на опозициските партии кои вчера тврдеа дека е киднапиран.
Денеска Реџепи повторно се јави на својата Фејсбук страница, и напиша дека во понеделник ќе одржи прес конференција на која ќе објасни што се случувало.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Ахмети: Вчера преовладуваше свеста за евроатлантската ориентација на земјата и сигурна прозападна иднина
Пријателството со Соединетите Американски Држави и Европската Унија, но и со земјите од регионот е без алтернатива и неприкосновено под никакви услови и под никакви околности, напиша првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, денеска на Фејсбук.
„Денес преовладуваше свеста за заедничките достигнувања, слободата, еднаквоста, правдата, добрососедството, евроатлантската ориентација на нашата земја и сигурната прозападна иднина.
На нашата земја и треба повеќе безбедност, повеќе стабилност и целосна политичка предвидливост.
Негирањето на Охридскиот, Преспанскиот договор, добрососедството, но и НАТО, Европската Унија, Република Косово, албанскиот јазик не може да имаат место овде“, изјави Ахмети.
ТЕМА НА ДЕНОТ
Кој раководи со кормилото на омразата, заканите и омаловажувањето на работниците
Рушењето на галиите беше едно од главните ветувања на Шилегов и започна на 18 септември годинава, поради тоа што сопственикот со месеци не плаќал кирија за истата, со што се создала законска можност за раскинување на договорот и нејзина дислокација.

Пред неколку дена (на 9 ноември), лицeто Спирко Блажевски, угостител од Скопје, објави на социјалните мрежи видео од упад во галијата на реката Вардар која пред неколку месеци, по налог на поранешниот скопски градоначалник Петре Шилегов, почна да се руши.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ОСТАВКИ Дури денеска, Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа од редовите на партијата Беса, поднесе оставка. Хоџа оставката ја образложи поради нарушување на демократските вредности во државата, и дека партијата Беса не може да се идентификува со партија што користи недемократски методи за задржување на власта. Хоџа додаде дека од функција се повлекуваат и двајцата заменици министри за образование и култура.
КОВИД-19 Во изминатите три месеци 71 процент од позитивните на КОВИД 19 не биле вакцинирани, наспроти 29 отсто кои биле вакцинирани. Од починатите граѓани, 80 проценти не биле вакцинирани, а 20 отсто вакцинирани, покажува анализата на Министерството за здравство, за период од 6 август заклучно со 11 ноември.
ИНТЕГРАЦИИ ЕУ ќе ја понижи Бугарија со цел Северна Македонија да добие зелено светло за почеток на преговорите и сето тоа е поради неуспешната надворешна политика на Румен Радев, изјави за Нова ТВ поранешниот бугарски премиер и лидер на партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), Бојко Борисов.
ОДЛУКИ Пратеникот Скендер Реџепи од Алтернатива изјави дека од денеска претстојат два големи предизвика – едниот е сите политички чинители да седнат и консензуално да го донесат буџетот за следната година, па да одат на брзи парламентарни избори, а вториот да се прошири мнозинството. Реџепи најави дека партиските тела на Алтернатива деновиве ќе одлучат кои од двете опции е поважна за државата и граѓаните, ставајќи ги во прв план нив, а потоа партиските интереси.
МОНИТОРИНГ: ГОВОР НА ОМРАЗА И ПОВИЦИ НА НАСИЛСТВО
Во текот на вчерашниот ден, Мониторинг тимот на ЦИВИЛ забележа и архивира низа објави на социјалните мрежи и медиумите со говор на омраза и повици за насилство. Врз основа на тоа кој ги креираше и пласираше и како беа пласирани и дистрибуирани овие пораки, може да се дојде до заклучокот дека тие беа организирани од највисоките ешалони на одредени политички партии, помогнати од медиумите и онлајн групите кои се под нивна контрола.
Како што е познато, на 11 ноември, во Собранието на РСМ требаше да се гласа за недоверба на актуелната влада, по иницијатива на опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ, Беса, Алијанса за Албанците, Алтернатива и Левица.
Откако пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи не се појави во собранието, почнаа шпекулациите, повиците за насилство и говорот на омраза од веќе познатите личности кои редовно го користат овој вокабулар.
ОЗБИЛНО
Во рубриката за хумор и сатира ОЗБИЛНО, Џабир Дерала пишува за ФБ објавата на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ кој на 11 ноември објави селфи фотографии и информација дека се подложил на хируршки зафат во текот на вечерта.

Испушти „само“ да каже дека „операцијата“ се состоела во отстранување на масното ткиво од вратот. Прилогот носи наслов „Мицкоски со разголено селфи од болничката постела, ја извести јавноста за уште едно свое херојство – отстрани масно ткиво од вратот“.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Пресот на лидерот Мицкоски, пред неколку дена, ме инспирираше да продолжам да ги малтретирам новите градоначалници со прашања и предлози. Пред камерите и застанат пред сите нови носители на функцијата градоначалник тој ги објави насоките за идното нивно делување. Изгледа ова е втор дел од неговото писмо „до Градоначалникот“ кога сѐ уште беа кандидати.“, пишува Војо Маневски во колумната „Три проекти, а желби сто!?“
„Во целиот хаотичен амбиент – дополнет со скафандеросаните двајца опозициски пратеници позитивни на ковид-19 кои дојдоа, нели, да започнат „биолошка војна“ против власта – Мицкоски попладнето објави некакви тотално бизарни селфија од скопска Гинекологија (тој, легнат на кревет, сликан со некаков тим од бабици за породување, што ли?!), за конечно, пред сите да заминат на спиење, Александар Николовски да излезе и во доцните вечерни часови очајнички решително да изјави дека, иако Владата не успеале да ја срушат со демократско гласање, сега ја менуваат стратегијата и, со мнозинството во парламентот (минус еден киднапиран), преоѓаат на „итни предвремени избори“!“, пишува Сашо Орданоски во денешната колумна „Се тресеше гората, се роди глувче!“.












