ВЕСТ НА ДЕНОТ
Глоба во износ од 200 до 500 евра за неовластено пукање од огнено оружје и употреба на пиротехнички средства
Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека и годинава спроведува превентивна кампања, со цел на граѓаните да им се укаже за можните последици од употребата на петарди и други пиротехнички средства, посебно актуелна пред и за време на новогодишните и божиќните празници.
МВР презема и репресивни мерки, со цел санкционирање на употребата на петарди и други пиротехнички средства и ги потсетува граѓаните за законските одредби во кои е санкционирана употребата на пиротехнички средства и нивната нелегална продажба.
Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во член 31 предвидува глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност за оној кој неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Пендаровски: Да ја држиме политиката што подалеку од армиските редови
„Она што е многу важно и што мора сите заедно да го правиме, секој ден, без исклучок, за време на целиот работен век е да ја држиме политиката што подалеку од армиските редови. Вие морате да и служите на државата, независно од политичките гарнитури на власт и независно од вашите лични и политички убедувања. Затоа што тоа е фундаментот на секоја професионална армија, политиката мора да биде надвор од војската“, порача врховниот командант и претседател Стево Пендаровски на свечената церемонија за промоција на нови офицери – потпоручници од 21-та класа и заклетва на 25-тата класа на питомци на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.
ФЛЕШ ВЕСТИ
АНТИКОРУПЦИЈА Нов графит „Интегритет“ на уметникот Давид Ристевски, на кејот на реката Вардар, во центарот на Скопје, треба да испрати порака за подигнување на свеста и кај младите, за важноста на јакнењето на интегритетот на институциите, во борбата против корупцијата и слободниот пристап до информации од јавен карактер.
Активноста е во рамки на кампањата за интегритет, која се спроведува како дел од проектот „Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација на Република Северна Македонија“, финансиран од Европската Унија, а кој го спроведуваат Државната комисија за спречување на корупцијата и Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
ПРАВДА Никола Груевски, обвинет во случајот „Плацови на Водно”, од позиција на претседател на Комитетот за градежна експанзија (КГЕ), лично се интересирал за неколку земјишта во делот на Парк Шума Водно. Ова во денешниот исказ како сведок го кажа Миле Јанакиевски, кој во 2012 година беше на функцијата министер за транспорт и врски и посочи дека за земјиштето во местото Шербетница и земјиштето над локацијата на Католичката црква, разбрал од кога во рамките на КГЕ, ја посетиле општина Центар.
ПОСМРТНИ ОСТАНКИ Со два воени транспортни авиони утре изутрина од Бугарија ќе бидат транспортирани останките на 45-те македонски граѓани кои загинаа во автобуската несреќа на патот „Струма“, изјави денеска бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов.
Од Министерството за надворешни работи исто така најавија дека утре претпладне, на Меѓународниот аеродром Скопје ќе пристигнат посмртните останки на починатите од автобуската несреќа во Република Бугарија.
ИСТРАЖУВАЊЕ НА МЗ Вкупно 1 886 124 граѓани на возраст од 11 години и постари беа вклучени во анализата, вклучувајќи 779 558 вакцинирани испитаници кои примиле барем една доза вакцина и 1 106 566 невакцинирани испитаници. Од популацијата на која им е понудена вакцината (11 години и постари), во дадениот период 41.33 отсто биле вакцинирани со барем една доза, од кои повеќето (37.78 отсто) биле целосно вакцинирани со две дози. Најголем дел од испитаниците ја примиле вакцината BNT162b2 на производителот „Pfizer/BioNTech“ и вакцината „CoronaVac“ на производителот „Sinovac“.
Анализата покажува дека вкупно 30 136 лица биле хоспитализирани од КОВИД-19 од почетокот на епидемијата во Северна Македонија (26.02.2020) до 30.09.2021, од кои 6 542 починале (21.708 отсто од хоспитализираните). Просечната возраст на хоспитализираните изнесувала 61 година, а 56.5 отсто од нив биле мажи. Од хоспитализација до смрт поминувале во просек 14.8 дена, а половина од испитаниците умреле во рок од осум дена по хоспитализација. Сите оние кои биле хоспитализирани пред да бидат вакцинирани со прва доза биле класифицирани како невакцинирани случаи.
МОНИТОРИНГ
Генералната секретарка на Левица, Мојсоска со навреди кон новинарот Борјан Јовановски
Генералната секретарка на Левица, Јована Мојсоска во објава на нејзиниот Твитер налог вчера, на 1 декември, упати дехуманизирачки навреди кон новинарот Борјан Јовановски, коментирајќи негов телевизиски настап.
“Борјан Јовановски на емисија се изнасмеа на моментот дека казна затвор од 25 години му виси на новинар од Алфа и тоа е се’ што треба да знаете за оваа партиска бубашваба.”, напиша Мојсоска на Твитер.
Освен навредливиот вокабулар, анонимните профили што коментираат на објавата бараат да се испозатворат сите „од оваа криминална влада и овие слепци овде што ја поддржуваат“, велат дека „ако не виси џаба се“, а има и закани со смртна казна.
Новинарот Борјан Јовановски, кој е честопати цел на напад на пропагандата на Левица и нејзини функционери не е воопшто изненаден од ваквиот вокабулар.
Во врска со оваа објава, ЦИВИЛ Медиа побара реакција и од Здружението на новинарите на Македонија. Од таму велат дека коментарот на социјалната мрежа твитер од корисникот Мојсоска а упатен кон новинарот Борјан Јовановски е за јавна осуда.
ДИСТРИКТ
Павловска – Циги: Урбаната мафија е подсистем кој нема ниту глава ниту опашка
Во Дистрикт на Цивил Прес Студио – интервју на Зоран Иванов со Даница Павловска – Циги, архитект, урбанист, граѓанска активистка.
СЛОБОДНА ЗОНА
„За непочитувањето на тие меѓународни стандарди Бугарија е редовно прозивана од Европскиот парламент, од Европскиот Суд за човекови права (со дури 16 конкретни пресуди кои се спротивни на бугарската политика во оваа сфера), од релевантните извештаи на американската администрација и од влијателни меѓународни невладини организации. Ирационалноста, газењето врз правната држава и негирањето на меѓународните обврски од страна на Бугарија е добро аргументирана. Со сегашната евро-блокада за Македонија (и Албанија) тоа непријатно досие за Софија само расте и се „здебелува“, од што никој разумен не може да види ништо добро за Бугарија, а и за нејзините граѓани со слободно изразени македонски чувства.“, пишува Сашо Орданоски во колумната „За Бугарија, по стоти пат: врзете ги појасите!“.
Д. Тахири













