Комисијата за мандатско-имунитетски прашања вчера го одобри предлогот на судот за укинување на мандатот на Никола Груевски за да ја отслужи двегодишната затворска казна, на која е осуден во случајот „Тенк“.
Членовите на ВМРО ДПМНЕ, ја напуштија седницата тврдејќи дека тоа е политички, а не законски процес. Новоформираната пратеничка група од осумте пратеници кои гласаа „за“ уставните измени изјави дека нема да го поддржат барањето на Комисијата за одземање на мандатот, со што станува извесно дека на пленарната седница нема да се постигне потребниот број од 80 гласа.
Претседателот на комисијата Павле Богоевски рече дека ќе гласаат за предлогот на судот затоа што делото за кое е осуден Груевски го прави недостоен за функцијата. Така и се случи.
Одлуката на Комсијата се објаснува со Членот 59 од Правилникот на Собранието за процедурите, кој наведува дека судот би требало да го извести претседателот на парламентот кога ќе осуди некој пратеник поради злосторство или друго казниво дело, со што пратеникот станува недостоен за својата позиција.
Одлуката ќе се разгледува на пленарна седница на Собранието.
Независно од исходот на пленарната седница, тој не го исклучува или спречува одењето во затвор. Груевски имаше рок до денеска да се јави на издржување на затворската казна, но се поизвесно е дека тој рок ќе се продолжи.
Од Основниот суд Скопје 1 потврдија дека стигнале 4 жалби од адвокатите на Груевски, а се чека и тој лично да поднесе жалба за да му се одложи затворот. Доколку, Груевски го чека последниот рок за поднесување жалба и ја поднесе по пошта, таа би пристигнала во петок. А според судот можно е Кривичниот совет веднаш да одлучува по истата.
Според развојот на настаните би било вистинско изненадување доколку Груевски го испочитува дадениот рок, што е малку веројатно.
Синоќа во Скопје, пред Кривичниот суд се одржа протест за поддршка на Груевски, во кој присутните побараа правда за него и како што велат „да се запре со политичкиот прогон“.
М. Ивановска