пишува ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Во хајките врз Цивил деновиве но и низ годините, како и врз други граѓански организации и активисти, постојано се провлекува еден заеднички наратив, мотив и порив на плукачите – обвинувањето дека овие организации земале „незаслужено“ пари од странските донатори. Демек, донаторите залудно ги трошеле парите на овие организации, требало да им ги дадат на овие „успешните“, што плукаат и хајкаат луѓе.
Овие плукачи ме потсетуваат на размазени и насилни кецароши во школо, на кои за нивните неуспеси и единици, за тоа што не учат, не пишуваат домашни задачи, не внимаваат на час, имаат кецови на тестови и писмени – виновен им е секогаш некој друг.
А знаете, најчесто за тоа се криви одличните ученици. Па кецарошите ги организираат другите во класот за нивно малтретирање, навредување, бојкотирање…
Така е и со кецарошите во нашиот медиумски и активистички простор. Замислете, они мислат и сакаат да ја убедат и јавноста дека странските донатори функционираат како нивниот светоглед и свет.
Мислат дека во комисиите на сериозни и развиени странски држави и меѓународни организации се аплицира и конкурира како кај нас? Мислат дека така лесно и без критериуми некој на Запад смее да троши пари на даночните обврзници?
Мислат дека тоа е светот на кој навикнале, со врски, со хајки, притисоци, уцени, рекет, разни злоупотреби, само за да се дојде до пари? Мислат дека во тие комисии што избираат проекти на сериозни и развиени странски држави и организации седат партиски дунстери и аналфабети, или бескрупулозни „дил ориентед“ клиентелисти?
Не драги мои. За да аплицираш на таков конкурс, треба да знаеш да напишеш добар и реален проект, да имаш чисти сметки и поминати независни финансиски ревизии во неколку изминати години, да имаш богато портфолио, биографии и искуство во областа, да имаш докажани успеси, да имаш референци од други угледни партнери и организации, да пишуваш редовно извештаи за секое потрошено евро или долар, и детален опис на спроведените активности и нивниот успех.
Немојте да мислите дека кецарошите не го знаат ова. го знаат, затоа што многумина од нив аплицираат и паѓаат на тие конкурси. За тоа им се криви тие што поминуваат, а не тие самите и нивниот капацитет и перформанси. И пиштат и вриштат, плукаат, лажат, организираат хајки врз одличните, мислат дека така ќе поминат кај „наставникот“.
Нека знаат овие насилници, дека кај странците таквото уценување и насилство не поминува. Ако сакаат донаторски пари, кецарошите ќе треба да се поправат. Има и такви примери, на пример во медиумската сфера кај нас. Некои кецароши се поправија, па сега работат и проекти со донатори.
А за оние што не сакаат да се поправат, нека знаат само, дека нивните плуканици може и на Цивил и на плуканите да им донесат само уште повеќе странски пари и поддршка. Оти, ваквиот простаклук, насилство, слугување на центри кои ја дестабилизираат земјата и нејзините потенцијали во повеќе сфери, се гледа веќе со голо око, и од Брисел, и од Вашингтон. Немој после пак „невладините фолиранти“ и „странските платеници“ да бидат криви!