„На полето на економијата, преку план за економски раст и реализација на клучни мерки ја придвиживме економијата. Обезбедивме раст на платите, повеќе пари за секое семејство, раст на економијата, силно ги помогнавме фирмите за отворање нови и подобро платени работни места“, изјави генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски, на денешната прес-конференција.
Кирацовски додаде дека минималната плата ја зголемиле на 12.000 денари и дека се однесува на сите стопански гранки вклучително и за вработените во текстилната, кожарската и чевларската индустрија кои претходно добиваа пониски плати.
„Растот на минималната плата ја отвори спиралата на раст на платите. Просечната плата во октомври 2018 изнесува 24.817 денари што е за 6,3 отсто повеќе отколку за истиот месец во 2017 година. Согласно растот на платите, растат и пензиите, повеќе пари завршуваат кај граѓаните“, додаде Кирацовски.
Според Кирацовски, 2018 година, била година на рекорден износ на странски инвестиции, и дека само во првото полугодие од годината е забележан рекорден износ на странски инвестиции од 327 милиони евра.
„Растеше индустриското производство и извозот. Невработеноста е намалена на 20,8 отсто и за првпат во државата има под 200.000 невработени лица. Сериозно се инвестира и во инфраструктурата, во нови патишта, пруги, мостови. Преку сериозен инвестициски циклус, се градат нови и се реконструираат повеќе патни правци низ целата држава“, додаде Кирацовски.
Кирацовски вели дека трендот на раст на платите ќе продолжи и во 2019 година и дека се обезбедуваат раст на платите во сите сектори.
„Вработените во здравството, образованието, градинките, социјалната заштита, одбраната, судството, полицијата во 2019 година добиваатпоголеми плати за 5 отсто. Додека лекарите специјалисти добиваат поголема плата за 10 отсто. Преку зголемената државна помош за претпријатијата, ќе растат платите и во приватниот сектор. Лицата приматели на социјална помош добиваат и до 300 отсто повисока социјална помош а околку 60.000 деца добиваат детски и образовен додаток“, вели Кирацовски.
А. П.