Над 60 пратеници со својот потпис дадоа поддршка на кандидатурата на Стево Пендаровски за претседател на државата, рече на прес конференција Александар Кирацовски, пратеник и генерален секретар на СДСМ. Тој најави дека од утре ќе се собираат и граѓански потписи за Пендаровски.
„Пратеници од различни етнички заедници, од различни политички партии, обединети се околу заедничкиот избор за победа, за напредок, за иднина. Стево е нашиот избор затоа што веруваме дека е личност со интегритет, кој ќе биде вистински претседател на сите граѓани. Кој ќе се води од интересите на граѓаните и државата. Пратениците многу добро знаат колку е значаен изборот на претседател за државата, за граѓаните и за Собранието. На Република Северна Македонија не и е потребен нов Иванов. На граѓаните не им е потребен уште еден партиски послушник, кој е подготвен да делува спротивно на интересот на државата, да не почитува Устав, работејќи само во името на партијата и партискиот шеф, како што ни се случуваше во последните 10 години“, додаде Кирацовски.