Северна Македонија продолжи да го одржува постојаното темпо на спроведување на реформите на ЕУ, a Владата презеде чекори за враќање на контролата и рамнотежата, како и за зајакнување на демократијата и владеењето на правото, се вели во Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата за 2019 година. Во клучните наоди на извештајот што вчера го објави ЕК, Северна Македонија продлжи да дава конкретни резултати во клучните области идентификувани во Заклучоците на Советот, како што се судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформата на разузнавачките служби и јавната администрација. Претседателските избори беа добро организирани и основните слободи беа почитувани, се вели во клучните наоди, овозможувајќи им на граѓаните да направат информиран избор меѓу кандидатите.
Позитивна оценка добија меѓуетничките заложби на Владата и нивната борба за зголемување на довербата меѓу заедниците. Исто така, позитивен впечаток оставило и граѓанското општество со својата конструктивна улога во поддршката на демократските процеси и носење на стратешки документи, кои даваат насоки за соработката меѓу владата и граѓанското општество.
„Северна Македонија е умерено подготвена со реформата на својата јавна администрација. Направен е добар напредок, особено со спроведувањето на стратегиската рамка за реформа на јавната администрација, подобрени јавни консултации и зголемена транспарентност во креирањето политики и во областа на развој и координирање на политиките. Беа преземени чекори за решавање на наводните политизирани состаноци. Меѓутоа, потребни се дополнителни напори за да се зголеми одговорноста на администрацијата и да се спречи нејзината политизација. Почитувањето на принципите на транспарентност, заслуги и правична застапеност останува од суштинско значење“, се вели во извештајот.
Што се однесува до борбата против корупцијата, во извештајот се вели дека Северна Македонија има одредено ниво на подготовка, а новиот закон за спречување на корупција е потранспарентен за разлика од претходните години. Сепак, ЕК останува загрижена и покрај напорите на ДКСК со оглед дека корупцијата е распространета во многу области.
„Во борбата против организираниот криминал, земјата има одредено ниво на подготовка. Законодавната рамка е во голема мерка во согласност со европските стандарди и напорите за спроведување на стратегии против организираниот криминал и активно мерење на нивното влијание треба да продолжат. Постигнат е одреден напредок во исполнувањето на препораките од последните години за подобрување на резултатите, зајакнување на соработката во спроведување на законот и значително подобрување на оперативниот капацитет за борба против трговијата со луѓе. Понатамошен напредок беше постигнат на оперативно ниво преку подобрување на ефективноста на Националниот координативен центар за борба против организираниот криминал и учество во заеднички операции со земјите членки на ЕУ и соседните земји“, стои во извештајот.
Напредок има и во однос на заштита на основните човекови права особено во заштита од злосторство од омраза и дискриминација со измени на Кривичниот законик и донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Исто така, усвои амбициозна стратегија за деинституционализација и ги транскрибира своите цели за борба против насилството врз жените во акционен план за спроведување на Истанбулската конвенција. Сепак, замерките на ЕК остануваат кон полицијата сметајќи дека треба да се работи на употребата на алтернативни санкции и условна казна.
„Земјата, исто така, треба да направи дополнителни напори за доследно ширење и адресирање на препораките на европските и меѓународните тела за човекови права, особено во однос на третманот на задржаните лица, жените и лицата со посебни потреби“, стои во клучните наоди.
Во однос на економијата се смета дека Северна Македонија постигна одреден напредок и има добар степен на подготовка за развој на функционална пазарна економија, но составот на трошењето е влошен, а фискалната консолидација треба да биде поамбициозна за да ги стави јавните финансии на одржлив пат. ЕК оценува дека функционирањето на пазарот на трудот е нарушено со постојани структурни проблеми.
Во однос на законодавството се оценува дека земјата е умерено подготвена во повеќето области, вклучително и во областите на конкуренција, јавни набавки, транспорт и енергија, а покажува добро ниво на подготовка во областите како што се законот за трговски друштва, царинска унија, трансевропски мрежи и наука и истражување.
Како заклучок во клучните наоди наизвештајот на ЕК се оценува дека Северна Македонија продолжи да ја подобрува својата усогласеност со декларациите на ЕУ и одлуките на Советот за заедничка надворешна и безбедносна политика.
Б. Ј.