„Она што сега му треба на регионот е европска перспектива, а не да дискутираме за проблеми од историјата. Словачка е силен поддржувач на процесот на проширување на Западен Балкан, вклучително и на Северна Македонија и на Албанија. Сметаме дека ова е важен процес не само за регионот, туку и за самата Европска Унија и затоа Словачка е една од најгласните земји кои секогаш се обидуваат да ја туркаат оваа агенда“, вели во интервју за МИА словачкиот заменик-министер за надворешни работи Мартин Клус.
Клус е оптимист за почеток на првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ во првата половина на годинава.
„Треба да се фокусираме на кредибилна перспектива на проширување и на зголемен ангажман на ЕУ на Западен Балкан, што е на агендата уште од 2018 и верувам дека треба да ја следиме оваа агенда и затоа се надевам дека тоа ќе доведе до отворање на првата меѓувладина конференција во јуни или јули“, додава Клус со порака земјата да се фокусира на владеењето на правото, како една од фундаменталните вредности во Европската Унија.
За нон-пејперот што му се препишува на Јанес Јанша, премиерот на Словенија, Клаус вели дека тој нема автор затоа што никој не сака да се поврзува со идеите за прекројување на Западен Балкан.
„Нон-пејперот нема автор. Тоа е сепак нон-пејпер. Никој не сака да биде поврзуван со вакви опасни идеи што ги гледаме во него. Верувам дека ако некој сака да започне дискусија, ќе го направи тоа. Но, за мене, најважниот момент е дека Европската Унија, САД, вклучително и некои земји членки, меѓу кои е и Словачка, јасно кажаа дека тоа за нас не е прифатливо и мора да се држиме до денешната ситуација, вклучително и границите и нашата агенда, којашто ја започнавме пред неколку години. Она што сега му треба на регионот е европска перспектива, а не да дискутираме за проблеми од историјата“, вели Клаус во интервју за МИА.