Имавме три шанси да исчекориме напред. Три шанси да се еманципираме од етничкото и да преминеме на граѓанското. Три шанси да се ослободиме од непроменливоста на етничкото колективно припаѓање и да преминеме на флексибилноста на граѓанското индивидуално припаѓање. И не ги искористивме.
Првата беше во моментот на промена на политичкиот систем и осамостојувањето на Република Македонија. Етничката неизживеаност на мнозинската популација, потребата од своја-етничка држава и кратковидоста на уставотворците, направија монструозен хибрид на етно-граѓански базирана демократија. Го внесоа елементот на индивидуалноста во држава која се гради врз етничка основа. Издигнувањето на етницитетот на пиедесталот на клучен елемент во конструирањето на државата и демократските институции го оневозможи воспоставувањето на граѓанинот како индивидуа која покрај другите карактеристики може, но не мора да се идентификува со одредена етничка заедница, односно, кој без никакви негативни последици може да ја промени етничката припадност. Граѓаните беа присилени, прво да бидат етнички идентификувани, па дури потоа партиски да се здружуваат, да поседуваат одредени права, да бидат дел од политичките случувања. И се случи конфликт.
Втората шанса беше во моментот на донесувањето на Охридскиот рамковен договор. Разрешувањето на конфликт кој се базираше на етничките разлики, кој произлегуваше од судирот на етничките групи и кој ги хомогенизираше луѓето по основа на етничката припадност, мораше да се побара во граѓанскиот модел, а не во модел кој ги зацврстува, кој ги цементира меѓуетничките поделби. Наспроти на ова, беше создаден модел кој одново и одново ја репродуцира рововската поставеност на етницитетите, кој ја внесе етничката припадност како примарна вредносна клаузула во политичкиот и правниот и економскиот и културниот и образовниот живот, а политичката сцена ја направи зависна од етно-партиското договарање и поделба на колачот. На овој начин сите останати идентитети на индивидуите беа поттурнати настрана, со што максимално се ограничи и отежна флексибилноста на човечките поврзувања и на интересното групирање.
Третата шанса ни беше дадена сега кога требаа да се направат уставни промени кои произлегуваат од договорот во Преспа. Процесот започна со Шарената револуција која создаде услови на прв план да избијат барањата на граѓаните, а не на претставниците на етничките групи и подгрупи. Можевме да го искористиме овој момент и граѓанскиот идентитет да го поставиме во основите на државата и државата да стане држава на сите граѓани и во функција на сите граѓани. Можевме да направиме суштински исчекор. Не само во документите за идентификација: граѓани на Северна Република Македонија. Можевме да ги направиме граѓаните фактички, а не само формални носители на суверенитетот, на местото на етничките заедници. Можевме постепено да ја сместиме етничката припадност во сферата на приватното, личното, себеидентификацијата, а не како дел од структурирањето на државата, државните органи и нивната надлежност. Имавме шанси да се ослободиме од бремето на етно-партиите, етно-пазарењето, етно-поделбата на владеењето. Наместо тоа, сѐ се подреди на етничката припадност и во функција на етницитетите, со јасен резултат кој следи: етнички поделена држава.
Мислев дека сме спремни да се еманципираме од етничкото и да почнеме да градиме граѓанско, а тие допрва зборуваат за етнички-консензуален претседател на државата.
Ќе ја чекам четвртата шанса.
Преземање на содржините објавени овде e ЦЕЛОСНО ЗАБРАНЕТО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.
Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.
Илустрација: Erin Pankratz – “Entrenched”
Фотографија од Авторката: Џ. Дерала