На 20 години од бомбардирањата на НАТО, голем дел од македонската јавност се сеќава на цивилните жртви, срушени мостови, патишта, фабрики и сериозните штети по Србија и нејзините граѓани.
Секако, добар дел од таа јавност не се сеќава на причините за тие жртви – 20 илјади мртви Албанци од Косово, масовните масакри и гробници што се откопуваа и години подоцна, разрушени католички цркви и џамии, запалени села и населби низ цело Косово, масовниот прогон на стотици илјади луѓе, добар дел од кои дојдоа и во Македонија…Не се сеќава дека имаше дебели причини за бомбардирањата, сублимирани во лудилото на еден ултранационалист и диктатор – Милошевиќ. Да потсетиме, претходно, поради тие политики веќе погинаа и се раселија стотици илјади граѓани на БиХ и Хрватска.
Да бидеме прави, истото важи и обратно. Јавноста кај Албанците денес слави, и ги игнорира страдањата на недолжните граѓани на Србија, меѓу кои имаше многу кои иако не се согласуваа, страдаа поради политиките на нивниот лидер. Истото се случуваше и со страдањата и жртвите на цивилите Срби на Косово.
Но, во суштина не се виновни ниту „едните“ ниту „другите“ за оваа состојба. Мислам на граѓаните….
Не се виновни тие што медиумите со години го игнорираат „другиот“ за многу побанални работи, па кога доаѓа до жртвите и неправдите кон „другиот“ тоа игнорирање станува дури и понагласено. Навистина, како познавач на јазиците на овие народи, знам дека малку беа местата каде што Македонец или Србин можеше да види и слушне информации за контејнерите полни со луѓе што се наоѓаа по српските реки, масовните гробници што се откопуваа итн……Како што и во албанските медиуми ќе сретнете многу малку информации за цивилните жртви и неправдите кон Македонците или Србите.
Па и тие медиуми – освен алуминиумските патриоти се разбира – ќе ви речат дека не се виновни. Такви биле времињата, а и општопознато е дека работат под политички диктат…Диктираат партиите, партијата има лидери, лидерите ги бира и ги сака народот. Кога било кој рационален глас ќе ги оспори нивните националистички и етноцентристички политики, нивниот одговор секогаш во рефрен и во хор е – погледајте семафор, избројте гласови, избројте кликови….„народот на избори дава легитимитет – народот го кажа своето“. Нели е така, или заборавате?
И сега, што да речеме за бомбардирањата? Како да ги спречиме, како да ги нема…дали се тие решение?
Мене ако ме прашате? Бомбардирањата донесоа крај на војна, која имаше десетици илјади жртви, а можеше да има и многу повеќе без тоа бомбардирање. Како што впрочем имаше и во Хрватска и Босна претходно. Сите тие војни, бомби и страдања можеа да бидат спречени, доколку во Србија не владееше Милошевиќ и неговата националистичка клика. Исто како што ќе ги немаше и разрушувањата и жртвите во Германија во 44-45та, ако со неа не владееше Хитлер, поради чии болни амбиции започна војна во која погинаа над 50 милиони луѓе низ цел свет.
Затоа, доколку не сакаме војни и бомби, било во вистинска или симболичка смисла, да внимаваме барем околу нашиот дел на одговорноста – околу нашите ИЗБОРИ. На копчето на далечинскиот управувач, на интернет сајтовите што ги читаме, на ФБ и Твитер, и секако на гласачкото ливче…И жестоко да се бориме против омразата, да не засегаат сечии човекови права, да се познаваме и почитуваме во нашите различности далеку повеќе од сега….А кога ако не сега, кога е далеку полесно и повозможно!… Оти, од нашиот избор, посветеност и гласност сега најмногу зависи дали утре ќе имаме пристоен живот или недајбоже, како кај комшиите, ќе избереме опции поради кои ќе не гаѓаат со бомби.