Судијката Кацарска во својот најнов јавен настап кажа дека Фета Алими се гледа на снимка како ги дава клучевите. Но не објаснува до крај. Какви клучеви дал Алими и што предизвикал со тие клучеви? На снимките што ѝ се познати на јавноста, се гледа како Алими дава некои клучеви, но јасно се гледа дека кога тој ги дава тие клучеви – главната врата е веќе отворена! Низ таа врата веќе влегува толпата меѓу кои се и насилниците. Со тоа станува јасно дека Алими не ги дава клучевите од главната врата низ кое влезе злото и насилството во највисокиот законодавен дом.
Од друга страна, на истата снимка се гледа дека таа врата ја отвораат Крсто Мукоски и Сашо Василевски, а насилниците ги пречекува Јохан Тарчуловски. За информација на читателите, главната врата е затворена и со тешки дрвени рампи. Тие што ја отворија главната врата и ги внесоа насилниците, добија амнестија. Од друга страна, Фета Алими е осуден на 7 години затвор заради давање клучеви без да се оди до крај со вистината и да се открие каква штета е предизвикана со тие клучеви.
Според мои сознанија и искуство како новинар, тие клучеви претпоставувам дека можеле да бидат или од канцеларијата на пратеникот Трајко Велјаноски или од вратите на ходниците на Собранието. Ако биле од кабинетот на Велјаноски, таму ниту е направена штета, ниту е нападнат Велјановски, особено затоа што, на други снимки објавени и приложени пред судот, се гледа дека насилниците кај тој кабинетот дури биле пречекани како добри гости, а некој им пружа и вода. За тоа ли се казнува Алими? Да биле клучеви од вратите на ходниците, клучевите не биле потребни бидејќи вратите се стаклени и лесно кршливи. Како доказ за тоа, може да споменеме дека една од тие врати што води од скалите на приземје, преку галерија до прес центарот, до ден денеска е без стакло, како последица на тоа што била скршена на 27 април 2017. Според сето ова произлегува дека клучевите на Алими не му биле потребни никому. Зарем за една постапка без последици и без никакви ефекти се казнува човек со 7 години затвор? Дали сте истражиле и еден друг елемент, кој ги барал и добил клучевите од Алими?!
Дали биле тие пратеници кои ја отворија главната врата или некој од шефовите на Алими?
И едните и другите беа оценети од сегашната партија на власт, па и од неколку судски процеси како диктатори, криминалци и насилници. Тие биле диктатори и кон тогашната опозиција СДСМ, и кон новинарите и кон Собранието. Како тогаш може да се бара одговорност од Алими дека спровел наредба од диктатор или насилник? И ако него го осудуваат за ова, зашто не се судат сите полицајци кои тој ден не реагирале или послушале наредба да не реагираат, како што Алими послушал наредба да даде клучеви?
Како може една жртва на режимот да се осуди на 7 години затвор, а другите да добијат и отштета, па дури и власт, додека главните виновници и нивните соработници, кои отвориле врати и повикале толпа насилници да влезат внатре, да добијат амнестија? Може само во Северна Македонија, затоа што Алими нема право на глас во Собрание, не е пратеник и не е во состојба да придонесе во нечие владеење, а уште полошо, тој го спасил животот на еден опозициски лидер. Алими не успеал да го спаси ниту Заев, ниту некој од сега владејачката партија, ниту можел со пратенички глас да бил дел од некој пазар за помирување!
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.