Изборите претставуваат процес на донесување одлуки каде граѓаните гласаат за кандидат или политичка партија кои тие ги преферираат како свој претставник.
Досега кај нас се одржани пет избори за Претседател на државата, а во април годинава не очекува нов избор. Гласачкото право е едно од основните човекови права на граѓаните, на кои треба да им се овозможи на фер и демократски пат да го остварат истото. Набљудувањето на изборите треба да придонесе за унапредување и заштита на овие права на граѓаните.
Според изборниот законик, изборите и изборната постапка можат да ги набљудуваат домашни здруженија и странски организации, кои се регистрирани согласно закон, најмалку една година пред денот на одржувањето на изборите, а во чии статути е вклучено начелото на заштита на човековите права, меѓународни организации и претставници на странски земји.
Државната изборна комисија ја утврдува процедурата за набљудување на изборите и изборната постапка. Организациите и лицата од членот 161 на овој законик можат да вршат набљудување на целиот изборен процес по добивање на овластување од ДИК. Барањата за набљудување со потребните исправи за идентификација се доставуваат до Државната изборна комисија од денот на распишувањето на изборите, а најдоцна десет дена пред денот на гласањето. Државната изборна комисија им издава овластувања на набљудувачите најдоцна седум дена по приемот на барањето. Државната изборна комисија има право да им го одземе овластувањето за набљудување на субјектите од членот 161 на овој законик, ако започнат да изразуваат поддршка за некој кандидат, партија или коалиција. Во Член 162-а стои дека само акредитираните набљудувачи можат да информираат за текот на изборниот процес и активностите поврзани со неговото набљудување.
Акредитираните набљудувачи, доколку имаат забелешки на работата на избирачкиот одбор имаат право да ги евидентираат во дневникот на избирачкото место. Претставниците на подносителите на листите и акредитираните набљудувачи можат од непосредна близина да го следат утврдувањето на идентитетот на избирачот кој пристапува на гласање.
А. Петровска
Со цел да придонесе кон јакнење на јавната свест за правото на глас, како и за нерегуларностите во изборните процеси, ЦИВИЛ започна со серија едукативни текстови за различни аспекти на изборните процеси.
Граѓанките и граѓаните што имаат информации за кршење на правото на глас, злоупотреби, притисоци и други нерегуларности во текот на изборниот процес, можат да пријават на онлајн формуларот Слободни избори или да контактираат со ЦИВИЛ на [email protected], во инбокс на ФБ страницата на ЦИВИЛ или да се јават на 02/5209176.