Дали знаете една песна на албански јазик, а да не е „Шоте машала“, или „Рока мандолинен“? Песни, или поточно „музики“ избрани уште од минатиот, комунистички систем, за претставување на албанската (тогаш не нарекуваа народности сите што не бевме народи по југословенски терк) заедница, по разни прослави на државни празници, на секоја училишна прослава покрај другите песни и ора на другите заедници, и коишто „музики“ сè уште се сметаат за единствените мелодиски и вокални достигнувања на, во овој случај, Албанците. Ова би било моето прашање до сите Македонци од македонско потекло, како одговор на „попевките“ за национализмот кај себе и другите, и иницирање на реална дебата и соочување со национализмот иницијално кај себе, па потоа кај другиот.
Зошто, на мои 48 години, сè уште има (многу) луѓе што замолчуваат откако ќе престанам да зборувам на македонски јазик и се префрлувам на албански јазик ако ми се јави некој на мобилен, или ако се обратам на некого што збори исто така на албански, на пример во такси, во супермаркет, не знам каде… Ова би било моето второ, од сто и педесетте прашања до сите Македонци од македонско потекло, како одговор на се што ќе се сетите да кажете за национализмот, секако, кај другиот.
Зошто господинот Заев им се заблагодари на помалкубројните заедници за поддршката кон повеќебројната заедница, а мислеше на Албанците, за промена на името на Република Македонија, во манирот – „ни помогнавте на нас Македонците полесно да влеземе во ЕУ и НАТО“? Зошто мисли дека другите се индиферентни кон својата иднина, но се сензитивни кон иднината на Македонците? Или сами ќе одите во Европа и НАТО, па другите, ако сакаат…
Знаете, овие неколку редови што ги прочитавте, се дел од корените на национализмот против којшто се води гласна и тешка борба, но истиот тој национализам, се негува тивко, стихијно, во речиси секој дом, улица, до институциите и државниот врв. Искрено, текстов е банален и „веќе видено“ по израз и некакво интелектуално мерило во бунаров од високи интелектуалци и интелектуални мисли што се преплетуваат, заплетуваат и сопнуваат едни од други, а се почесто и од самите себе.
Ја знаете ли песната „Македонско девојче, китка шарена“? Каде и да одам по бившите југословенски простори, кога ќе им кажам дека сум од Македонија, ми велат – „ааа“, и почнуваат да пеат… „Македонско девојче…“, тоа им останало во сеќавање. И ајварот.
Текстот е дел од проектот „Патриотизам ДА, национализам НЕ!“ што го спроведува ЦИВИЛ со поддршка од Цивика мобилитас. Содржината на овој текст е единствена одговорност на ЦИВИЛ и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.