Не би сакал да трошам зборови да ве убедувам зошто е темата важна. Напредок со јавност отруена од говор на омраза, на било кое поле, нема да има. Затоа, би сакал да позборуваме за одговорноста. И за лошото, и за тоа како да биде подобро – еве ги моите размислувања за тоа кој е „надлежен“, а богами и одговорен. Формално, морално, а богами и етички.
– Доколку на твојот ѕид на Фејсбук дозволуваш коментари во кои има говор на омраза, без оглед што тоа не се твои зборови, со тоа што овозможуваш такво нешто, со тоа што не ги бришеш тие коментари и не го модерираш својот јавен дел од јавниот простор, и ти си одговорен за ширењето говор на омраза.
– Истото, секако важи и за интернет медиумите, порталите, сајтовите, вклучувајќи го и овозможувањето на говор на омраза од трети лица на платформи кои ги контролира (и би требало да ги модерира) медиумот. За тоа има пресуда на Судот во Стразбур, за која би требало да се свесни да ја почитуваат и нашите правосудни органи, а и нашите медиуми.
– Истото важи и за политичките партии, кои уредуваат десетици медиуми на интернет – сајтови, како и профили и страници на социјалните мрежи. Ако овозможуваат говор на омраза од друг, и тие се одговорни за тоа. Настрана фактот што некои политички партии директно и го поттикнуваат и користат говорот на омраза.
– Кажаното погоре важи и за институциите, функционерите, припадниците на јавната администрација, приватните бизниси, јавните личности и ѕвезди… За сите! Ако веќе менаџирате јавен медиумски простор што го читаат стотици, илјадници луѓе во многу случаи, одговорноста за говорот на омраза, дури и да не доаѓа од вас, но е објавен на некоја веб или страница на социјалните мрежи која ја менаџирате вие, е и ваша!
– A, најмногу, важи за оние што преку санкции треба да покажат дека таков говор е општествено неприфатлив според Уставот, а и казнив според Кривичниот законик. Офлајн или онлајн, сеедно. МВР, Обвинителството, судовите, се адресите на кои треба да се бара одговорност за (не)казнувањето на говорот на омраза.
Зошто тргнав од личната одговорност па нагоре? Затоа што знаете добро, драги мои,така почнуваат темелните промени, од себе.
#PocniOdSebe
#StopZaOmrazata
#StopHate
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.
Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.