Пет станови на булеварот АВНОЈ број 8 веќе трет ден се поплавени поради нефункционалност на олуците, а фирмата којашто е задолжена за редовно одржување не постапува по барањата на станарите, коишто со месеци апелираат да се санира проблемот.
„Фирмата е алармирана уште во јули месец, кога за прв пат се поплавивме. Оттогаш до сега добивме само една понуда којашто не ни одговараше, бидејќи се однесуваше и на санација на кровот којшто во случајов не е проблем“, вели една од станарките чијшто дом е поплавен поради интензивните врнежи од дожд во последните неколку дена.
За управувањето со станбениот објект станарите на оваа зграда ја избрале фирмата Ројал Солутионс, подружница на „Управител плус“, од каде што добивме кус одговор дека се запознаени со проблемот. Оттаму велат дека станарите се информирани дека мајсторите ќе излезат на терен, но до овој момент тие се уште не се дојдени.
За сите останати прашања рекоа дека ќе не исконтактира колегата којшто е задолжен за таа зграда. До објавувањето на текстот, колегата остана недостапен за коментар.
Станарите реагираат на неажурноста на фирмата којашто ја избрале, иако сите обврски кон фирмата се навремено платени, вклучувајќи го и резервниот фонд за вакви случаи.
Лиценците за работа на овие фирми ги издава Регулаторната комисија за домување. Од комисијата за ЦИВИЛ Медиа изјавија дека тие само ги издаваат лиценците, но не се одговорни за вршење надзор над фирмите. Оттаму не упатија во општинскиот инспекторат.
Од инспекторатот на Општина Аеродром станарите добиле одговор дека инспекторката која е задолжена за оваа работа е на боледување.
Станарите се револтирани од непрофесионалниот однос на фирмата но и од неажурноста на институциите, приморани да поминат уште најмалку еден ден со поплавени домови, надевајќи се дека барем дождот ќе се смилува над нивната мака.
М. Ивановска