На Светскиот ден на културната разноликост, го добивме нацртот на првата Стратегија за едно општество и интеркултурализам во нашата земја. На настанот што се одржа вчера, присуствуваа и говореа премиерот Заев, министерката Дескоска, координаторот Алаѓозовски, учествуваа десетици видни личности, политичари, стручњаци, интелектуалци, лидери на граѓанското општество, а беа присутни повеќе од 20 камери…
Не сте дознале за овој настан? Па нормално, како да дознаете, кога вест за овој настан немаше на вестите на ниту една национална телевизија на македонски јазик, освен на јавниот сервис, како последна вест од земјава во дневникот.
Ќе прашате, како е тоа возможно, нели имаше над 20 камери? Е па, драги мои, од истиот тој настан, сигурно видовте изјави на премиерот и министерката на други теми – за СЈО, Алипашината џамија (одлично, но за жал неупотребено „сврзно ткиво“ за медиумско третирање на темата „Едно општество“), за „метлата“, за средбата со Ахмети…
Кога сме кај Ахмети и останатите „албански партии“ кои се дел од власта, видливо беше и нивното неприсуство на истиот настан.
Како шлаг на оваа торта, само да ве известам дека дури и Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ го одбележа Светскиот ден на културна разноликост, со мултикултурна изложба пред спомен-куќата на Мајка Тереза. Искрено се надевам дека тоа е сигнал за будење на УМС и почеток на дистанцирањето од дискурсот за „чиста“… Изгледа му текнало некому во ВМРО, дека таа работа ќе мора да се менува, оти „чиста“ не проаѓа ни дома, ни во светот. На ВМРО му текна, еј, но дури ни они не се вест, кога се за арно.
Тоа е. Кога има тепачки, омраза, национализам, религиозен екстремизам, проблеми што не делат – тоа е вест. Кога се зборува за решенијата за тие проблеми – нема вести, жестоки дебати, детално информирање на јавноста за сите аспекти, држење на тема со денови во жижата на интересот.
Така стојат работите, фактите, околу тоа на кој и колку му е битно дали ќе продолжиме вака закарани и закрвени по многу основи на патека која води кон поделби, конфликт, омраза, насилство, или поздружени, со повеќе почит, уважување и меѓусебно помагање.
Толкувањето на отсуството, односно скромното присуство на темата „Едно општество“ во медиумите на Светскиот ден на културната разноликост, како и отсуството на албанските коалициски партнери од овој концепт, ви ги оставам вам, драги мои. Толку од мене, поздрав од младиќот со куглата, пренајлепши граѓанки и граѓани на мултиетничката, мултиконфесионалната, мултикултурната Македонија, која тивко, но сепак достоинствено го одбележа овој убав и прекрасен ден.:)
#AluminiumToTheMaximum
#EdnoOpstestvoZaSite
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.
Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.