Ако еден од параметрите за оценување на напредокот на едно општество е и начинот на кој се однесува општеството кон ранливите категории на граѓани, тогаш ние сме дефинитивно под секаков минимум.
Според тоа, сметам дека Министерството за труд и социјална политика треба сериозно да ја преиспита својата одлука за згрижување на неколку деца со интелектуална попреченост во селото Тимјаник. И тоа го велам не затоа што жителите на ова село се во право кога бараат овие деца да не бидат сместени во нивното село, туку затоа што едноставно целта на деинституционализацијата и ресоцијализацијата на овие лица е невозможна во средина каде што тие не се добредојдени.
Искрено се надевам дека во ова село сè уште се нема родено дете со ваква или слична попреченост, бидејќи според тоа како жителите се однесуваат кон овие лица, многу е веројатно дека истите би ги чувале затворени и далеку од очите на јавноста, се со цел да се зачува мирот и спокојството во селото. Страв ми е и да помислам…
Дополнително, малку ми се нејасни разочараноста и изненаденоста од ваквите реакции на жителите Темјаник, имајќи ги предвид параметрите кои укажуваат на огромна стапка на функционална неписменост во нашето општество, каде со години наназад свесно и систематски се уназадува населението преку ужасните реформи во образованието, закоравените и катастрофални политики. Искрено и нема што да се очекува од општество каде што менталната болест се смета за казна и се чува во најстрога тајност, а посетата на психолог или дефектолог е табу-тема, каде огромен број на граѓани попрво би си ги однеле децата на бајачка, отколку на доктор.
Мора да сфатиме дека живееме во едно крајно затворено општество кое со години се учи, но никако да се научи да живее и да ги прифати различните од себе. Полни со омраза и фобии од секаков вид, не затоа што така сакаме, туку затоа што така нè научиле. И колку и да се декларираме себе си како отворени и мулти од секаков вид, мораме да го согледаме коренот на сите проблеми, за да можеме конечно да тргнеме макар половина чекор напред. Затоа нема потреба да се изненадуваме од ваквите постапки и реакции. Нема! Ги има насекаде околу нас. Одвратни фашистички, националистички и полни со говор на омраза пораки, поздрави и честитки фрчат наоколу како животот да ни зависи од нив. Зошто за овие деца би било поинаку?
Колку и да се погрешни постапките на овие жители мора да сфатиме дека всушност тие не се виновни. Наместо гневот да го насочиме кон нив, потребно е да инсистираме на сериозно подобрување и реформирање на целокупниот воспитно-образовен процес. Постојано да вршиме притисок кон институциите со цел истите конечно да проработат во функција на граѓаните на ова општество. Разговорот со нив е еден чекор напред. Искрено се надевам дека Царовска овој пат ќе успее во тоа.