Државната изборна комисија денеска на стручна тркалезна маса „Примена на нови технолгии во изборните процеси“, со претставници на ИФЕС, ОБСЕ/ОДИХР, невладините организации и претставници на министерствата и надлежните органи за спроведување на избори, дискутираше за можноста од воведување на електронско гласање, сигурноста и искуствата од ваквиот принцип на гласање во други земји, биометриската верификација на гласачите и за автоматизација на изборниот процес.
„Се одлучивме на овој чекор со цел да го унапредиме самиот изборен процес. Јасно ни е дека не може тоа да се направи веднаш и избрзано и да се воведат за наредните избори што следат. Но, исто така ни е јасно дека треба веќе да почнеме… Во Република Македонија може да се констатира дека во изминатиот период зависно од изборните циклуси, постојано во извештаите што ги добиваме од Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР може да се забележи дека има постојан напредок во организацијата и спроведувањето на изборите, но остануваат забелешки за кои ние треба да се трудиме да ги отстраниме и да ја намалиме можноста за злоупотреба на било кого во самиот изборен процес“, изјави Оливер Деркоски, во воведното обраќање потенцирајќи дека ДИК е само еден фактор во спроведување на изборите.
Потпретседателката на Собранието на Република Македонија, Фросина Ташевска Ременски, изјави дека во минатото клучни за оценката на спроведувањето на некој изборен процес, пред сè, биле техничките оценки. Според неа забелешките на релевантни меѓународни организации биле земени предвид со цел да се коригираат во следните изборни циклуси, со цел враќање на довербата кај граѓаните.
„Фактот дека сите овие прашања се релевантни за дебата, отвораат и други прашања од аспект на пристапот на гласачите до избирачкото место, стручноста на избирачките одбори, стручност од аспект на примена на овие технологии, финансиските средства потребни за имплементирање на новите технологии во изборните циклуси, стручноста на самите членови на ДИК, соработката со останатите институции и секако уставно загарантираното право на секој граѓанин во Македонија да го исполни своето право на глас“, изјави Ременски.
Таа нагласи дека кога се зборува за примена на нови технологии, најчесто се зборува за е-гласањето и автоматизиран систем за биометриска верификација за изборите, што е добра можност за полесно гласање на граѓаните, државјани на Македонија, да го искористат нивното уставно загарантираното право на глас.
Со оглед дека биометриската база на податоци ја поседува МВР, но, како што изјави Ременски, тоа не значи дека ДИК не треба да соработува со други институции.
Јоана Косма од ИФЕС Македонија пред учесниците истакна дека различни се контекстите во кои овие технологии се применуваат во различни држави. Некои земји во светот, меѓу кои и во регионот, ги користат, а некои ги отфрлиле.
Косма истакна дека со биометрискиот начин се спречува повеќекратно гласање, се зголемувеа довербата во валидноста на Избирачкиот список и на изборите генерално, а како недостатоци ги наведе случаите каде ваквите технологии не може да решат проблеми поврзани со државјанството, возраста и местото на живеење. Таа додаде дека се работи за скапи технологии кои подлежат на сајбер напади и дека треба секогаш да се внимава на безбедноста на податоците.
Во својата презентација Карстен Шурман, експерт за нови технологии на гласање, зборуваше токму за сигурноста во примена на новите технологии на гласање и како тие влијаат на довербата кај граѓаните. Шурман истакна дека самите изборни процеси преку е-гласање се соочуваат со негативните ефекти од непријателското опкружување.
Познато е дека преку сајбер напади, но и инсајдерско дејствување, со влијание врз функционери на изборната администрација, волонтери во изборни штабови, мониторинг мисии или вработени во релевантни институции, постојат многу можности за влијание врз изборните процеси.
На настанот беше истакната целта да се поттикне дискусија меѓу релевантни страни во спроведување и учество на изборите преку примена на новите технологии на гласање чија крајна цел е заштита на гласачкото право и јакнење на довербата кај гласачите. Сепак, прашање на капацитети и време е колку воведувањето на нови технологии ќе ја врати довербата на гласачите. На маргините на настанот, медиумите побараа поединечни изјави поврзани со оваа иницијатива, но и за изборите воопшто, од неколку присутни, меѓу кои и од потпретседателката на Собранието, Фросина Ременски и претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.
Биљана Јордановска