УТРИНСКИ КОЛУМНИ
Во последните две-три години не бевме сведоци на продуктивни, а често ни цивилизирани средби помеѓу политичарите и дипломатите на Македонија и Бугарија. После секој состанок на некоја домашна, регионална или европска сцена следуваа официјални дообјаснувања, деманти на „вадењата од контекст“ или контранапади за тоа што било кажано, што сакало да се каже или што не било кажано, а требало да се каже, на тие високи државни нивоа и од двете страни. Бугарите, затекнати и вчудовидени од успешноста на Преспанскиот договор, наврат-нанос решија своерачно да ја блокираат европската иднина на Македонија (и Албанија) и главно се заплеткуваа со своите нејасни позиции и спорни „црвени линии“ пред евро-американските партнери, а македонските претставници ги бранеа своите принципиелни морално-политички позиции без вистински, делотворен ефект што би резултирал со напредок во наметнатиот спор со нашиот источен сосед, читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „Македонско-бугарските односи мрднаа од „мртва точка“
Сегашната безбедносна криза беше многу добро испланирана и предвидена од Владимир Путин. Невидената акумулација на војници во близина на границата со Украина во пролетта 2021 година, завршувањето на гасоводот „Северен тек 2“, објавувањето на навредливото и лажно дело за Украинците и Русите како „еден народ“, вештачкото влошување на енергетската криза во Европа, употребата на мигрантите како оружје на границите на Белорусија со ЕУ, политичката интервенција на Балканот и за крај новото распоредување на војниците на границата со Украина кон крајот на 2021 година. Овие акции се исто така придружени и со операции за дезинформации и сајбер напади., прочитајте во статијата на Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба објавен во францускиот Le Figaro „Безбедноста на Украина е безбедност на Европа„
СЛЕДЕТЕ ВО ЖИВО: Денешниот Утрински брифинг од 7.30 до 11 часот е во тек!
„Утрински брифинг“ е местото каде секој работен ден од 7.30 до 11 часот, низ динамична програма со актуелни информации, анализи и разговори со гости, се поставува општествено-политичката агенда на денот.
Брза пошта, ВАША рубрика во Слободна зона: Останете гласни!
Неодамна, Цивилмедиа.мк воведе нова рубрика – „Брза пошта“, каде што авторките и авторите можат да ги овековечат своите мисли, белешки и пораки. Во трката со времето, често се нема време за пишување долги и елаборирани коментари и анализи, а потребна е брза реакција. Затоа, Редакцијата одлучи да отвори таков простор кој може да послужи и како своевидна комуникациска алатка, размена на мисли и пораки, но и вовед во пошироки анализи и мислења.
НАСТАНИ
СЕДНИЦА: Седница на Комитетот за односи меѓу заедниците во Собранието на Република Северна Македонија. На седницата, како што е најавено, ќе се обрати високиот комесар за малцински прашања на ОБСЕ, Карјат Абдракхманов.
ПРОМОЦИЈА: Во просториите на Бирото за метрологија денеска ќе биде промовирана лабораторијата за испитување на квалитетот на мазутот. На настанот, како што е најавено, ќе присуствуваат министерот за економија Крешник Бектеши, директорката на Бирото за метрологија Мерита Мустафаи и в.д. директорката на Државен пазарен инспекторат, Анета Симеска Димоска.
КУЛТУРА: Театарот за деца и младинци – Скопје денеска ќе одбележи уште еден значаен јубилеј. Станува збор за 250. изведба на култната претстава „Црвенкапа“. Претставата „Црвенкапа“ премиерно била изведена на 7 декември 2001 година. На претставата работеа и Иван Ивановски, кој го направи преводот на текстот од српски јазик, заедно со посебните сонгови што се користат. Сценографијата е на Живоин Трајановиќ, а костимите ги работеше Лира Грабул. Автор на музиката е Љупчо Мирковски, а кореограф е Сања Шутевска. Низ годините како инспициент на претставата беше Ѓурко Стојановски, а сега е Ѓуро Дракулоски.
ПРОГНОЗА: Денес времето во Македонија ќе биде претежно сончево, во западните предели ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец кој повремено ќе засилува на интензитет. Во вечерните часови облачноста ќе се зголемува и во текот на ноќта во западните предели ќе има врнежи од снег. Температурите ќе се искачуваат во интервалот од 2 до 8 степени.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев