Комисијата за мандатно-имунитетни прашања со мнозинство гласови му препорача на Собранието да му го одземе мандатот на пратеникот Никола Груевски, врз основа на добиено известување од судот дека пратеникот е осуден на две години затвор. „За“ гласаа пет члена на Комисијата од парламентарното мнозинство.
Пратениците на ВМРО ДПМНЕ ја напуштија Комисијата, откако пратеникот Трајко Вељаноски обвини дека се работи за монтиран политички процес.
„Денеска се врши политички прогон. Не е докажана штетата по државата ниту материјална корист. Во тоа возило денес се возат меѓународни и домашни гости“, рече Вељаноски.
Александар Кирацовски од СДСМ ги демантираше тврдењата на Вељаноски и рече дека „правда мора да има за сите затоа што никој не е над законите“.
По ова Комисијата поднесува извештај до Собранието и му предлага на парламентот да го одземе мандатот, за што е потребно двотретинско мнозинство. Но пратеникот Сашо Василевски од независната пратеничка група составена од исклучените пратеници од ВМРО-ДПМНЕ најави дека парламентот нема да го има потребното мнозинство. За време на расправата во Комисијата тој се јави за збор и рече дека овие пратеници ќе гласаат против таквиот предлог.
„Добро е да се отвораат вакви расправи и јас ги оправдувам. Вчера во парламентот за прв пат во Република Македонија се отвори процес кој овозможува подавање на рака помеѓу левицата и десницата, меѓу сите политички чинители кои се за ЕУ и НАТО. Во контекст на тоа сметаме како група на независни пратеници дека расправата е избрзана. Нашиот став е против иако во оваа Комисија немаме право на глас“, рече Василевски.
Претседателот на Комисијата Павле Богоевски одговори дека процесот не е избрзан затоа што Комисијата има рок од 15 дена по добиеното известување од судот да донесе одлука.
Предлогот за одземање на мандатот на Груевски е врз основа на добиено известување од Основниот суд за пресудата од две години затворска казна поради случајот со „мерцедесот“.
Поранешниот премиер беше прогласен за виновен и осуден, заедно со првообвинетиот во случајот „Тенк“ Ѓоко Поповски. Двајцата поднесоа жалба до Апелацискиот суд Скопје, кој како неоснована ја одби жалбата на Груевски, а делумно ја прифати таа на Поповски. Во предметот „Тенк“ осудена е и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на шест години затвор.
К. С.